Вечерва во Скопје започнува фестивалот на светлината „Skopje Light Art District“

Фото: Фејсбук страна на Skopje Light Art District 2020

Вечерва, во 20:30 часот, почнува третото издание на Mеѓународниот фестивал на светлосната уметност, Skopje Light Art District. Многубројните светлосни инсталации кои ќе ги оживеат објектите во центарот на градот ќе бидат поставени од 19 до 22 август, а фестивалот ќе се одвива по однапред утврдена рута од Камениот мост, преку зградата на МЦМ до Градскиот парк.

„Фестивалот претставува симболичен мост, живописна врска што ги обединува уметноста, технологијата и науката, минатото со сегашноста и иднината, градот и природата, користејќи го јазикот на светлината. Годинава Skopje Light Art District ќе испрати пораки за заштита на животната средина – преку одговорни одлуки и начин на живот да се заштити природата и нејзините богатства“ велат од град Скопје.

За полесна комуникација, запознавање со уметниците и нивните дела, како и утврдената мапа за движење, Skopje Light Art District создаде и Андроид апликација која посетителите ќе можат да ја симнат на своите мобилни телефони и да ја користат за време на фестивалот.

Mеѓународниот фестивал на светлосната уметност е во организација на Универзална Сала и Град Скопје, со поддршка на Делегацијата на Европската унија и Францускиот институт во Скопје.