Вечерва се избира победникот на Евровизија, Шведска и Финска фаворити

За првпат во историјата на Евросонг, одредени земји што не се натпреваруваат, а меѓу нив и Северна Македонија, имаат право на глас во резултатите

Шведската претставничка Лорин и финскиот рапер Карија / фото: колаж од фотографии, Wikimedia Commons

Вечерва во Ливерпул, Обединетото Кралство ќе се одржи големото финале на Евровизија. Вкупно 26 земји ќе настапат на финалната вечер, под овогодишното мото „Обединети од музиката“ (United by Music).

Шоуто ќе ја одрази културата и на градот-домаќин, но и на минатогодишниот победник – Украина, која не можеше да го организира настанот поради руската инвазија врз земјата.

Евровизиското финале вечерва ќе го отвори Калуш Оркестар – победниците на натпреварот во 2022 година, а ќе настапат и Украинките Џамала – која победи во 2016 година и Верка Сердучка, како и Британецот Сем Рајдер кој ја претставуваше земјата минатата година и го освои второто место.

За првпат во историјата на Евросонг, одредени земји што не се натпреваруваат, а меѓу нив и Северна Македонија, имаат право на глас во резултатите. Македонските гласови, заедно со оние на САД, Индија, Чиле и други земји, ќе се сметаат како гласови од „остатокот од светот“.

Според обложувалниците, фаворит за победа на годинешниот Избор за песна на Евровизија е Шведска, за која вечерва настапува Лорин со песната „Tattoo“. Лорин веќе еднаш ѝ ја однесе победата на оваа земја – во 2012 година со песната „Euphoria“ – па доколку победи и вечерва, ќе биде втората пејачка во историјата на Евровизија што победила два пати на натпреварот. Ирскиот пејач Џони Логан е единствениот што досега победил три пати на ова натпреварување – два пати како изведувач и еднаш како автор на песна.

Покрај Лорин, големи шанси за победа има и финскиот рапер Карија кој настапува со песната „Ча ча ча“. Неговиот настап во полуфиналето беше оценет како еден од најсмелите во историјата на Евросонг.

Од земјите во регионот, во евровизиското финале се пласираа Србија, Албанија, Хрватска и Словенија.

И додека барањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски да се обрати вечерва за време на шоуто беше одбиено, на евровизиската сцена сепак ќе биде одбележана руската инвазија врз оваа земја. Хрватската група Лет 3 вечерва во „крвави“ мантили ќе ја изведе антивоената песна „Мама Шч“ што е метафора за Руската Федерација. Тие во својата песна ги исмеваат диктаторите, за кои велат дека се „детски“ и „психопати“.

Би-би-си пишува дека „тракторот“ што повеќе пати се споменува во стиховите на хрватската песна, очигледно се однесува на белорускиот претседател Александар Лукашенко, кој ја поддржува Русија во војната и на Путин за 70-тиот роденден му подари трактор.

Инаку, Северна Македонија за првпат по 20 години не учествува на Евровизија, откако ваква одлука донесе Македонската радио-телевизија, наведувајќи ги енергетската криза и финансиите како главни причини за повлекувањето од натпреварот.

Македонските гледачи, сепак, ќе имаат можност да го проследат евровизиското финале на јавниот сервис, додека можност за гласање имаат само преку мобилната апликација или интернет-страницата на Евросонг.