Вечерва се бира евровизискиот претставник, организаторите смируваат дека онлајн гласањето е легитимно

фото: evrovizija.mrt.com.mk

Вечерва ќе биде познато кој ќе ја претставува Северна Македонија на Изборот за песна на Евровизија што во мај ќе се одржи во Торино, Италија. Победникот ќе го одлучат гласовите на публиката и на меѓународното стручно жири. За првпат по седум години, Македонската радио телевизија (МРТ) која е организатор на Националниот избор, го врати натпреварувачкиот карактер на изборот и одлучи „збор“ да ѝ даде и на публиката, откако изминативе години претставникот го бираше интерно.

Согласно Упатството за спроведување на изборот, публиката доби можност да гласа онлајн. За шесте селектирани композиции граѓаните можеа да гласаат седум денови преку платформата достапна на сајтот evrovizija.mrt.com.mk. Според овој начин на гласање, гласовите од публиката ќе претставуваат половина од финалниот резултат, додека другата половина ќе се добие од гласовите на стручното жири, кои ќе бидат претворени во поени, според евровизискиот принцип на гласање.

Случувањата околу евровизиските песни и претставници речиси никогаш не поминувале без сомнежи и обвинувања, што е случај и годинава. Така, на социјалните мрежи се појавија наводи за можна манипулација на платформата за гласање.

Во описот на начинот на гласање на веб-страницата на МРТ пишува дека секој корисник може да гласа само еднаш за својот фаворит. Но, по лансирањето на платформата минатиот петок, граѓаните на социјалните мрежи искажаа сомнежи околу веродостојноста на онлајн гласањето. Дел од нив низ фотографии покажаа како преку „инкогнито“ режимот на интернет прелистувачите успеале да гласаат повеќе пати за еден или за различни натпреварувачи. Други пак, објавија снимки како корисници на Интернет во други земји, преку виртуелна приватна мрежа (VPN) успеале да гласаат за македонски преставник.

Во однос на фотографиите и видеата кои поттикнаа сомнежи околу веродостојноста на онлајн гласањето, „Мета.мк“ ги контактираше организаторите на Изборот на национален претставник и композиција за Евросонг 2022, од каде велат дека изборот е легитимен и ги отфрлаат наводите за евентуална манипулација на платформата за гласање.

„По барање на јавноста, а по примерот на други европски радиодифузери, применивме едноставен и бесплатен начин на гласање за нашите граѓани. Модел, лесно пристапен за сите генерации што имаат и немаат електронски адреси или социјални медиуми. МРТ обезбеди ИТ компанија која се грижи за сигурноста на платформата. Гласањето е направено по примерот на Евровизија, односно на Јуниорскиот Евросонг“, вели за „Мета.мк“ Мери Попова, шефица на македонската евровизиска делегација.

Попова појаснува дека Европската радиодифузна мрежа, што ја организира и спроведува „Евровизија“, е информирана за начинот на кој Јавниот радиодифузен сервис го избира годинешниот претставник.

При креирањето на системот, додава Попова, земена е предвид можната манипулација со платформата за гласање и во тој контекст е направена заштита на самата платформа.

„Граѓаните можат да бидат спокојни за валидноста на системот. Правилата и заштитите се поставени согласно Правилата на МРТ за одржување на Националниот избор за песна и претставник на Евровизија 2022, а согласно стандардите за избор на Евровизија во други држави. Напоменуваме дека во правилата точно е утврдено дека ќе се земат како валидни само гласовите од една ИП адреса – еден глас“, појаснува Попова.

Шефицата на евровизиската делегација не открива која е компанијата што ја создала и се грижи за безбедноста на платформата за гласање „со цел избегнување на можни притисоци и влијанија врз ИТ компанијата“.

На прашањето како платформата ќе ги препознае корисниците што преку VPN гласале од друга земја, Попова го цитираше Правилникот на МРТ:

„МРТ се обврзува дека ќе обезбеди квалитетна платформа за онлајн гласање на која ќе пристигнуваат гласовите од сите жители на Р.С.Македонија, и тоа: од една ИП адреса ќе може да се гласа само еднаш за една композиција. По промоцијата на композициите, истите ќе бидат ставени на веб страната на МРТ, со можност за онлајн гласање од страна на публиката. Од една ИП  адреса ќе може да се гласа само еднаш за композицијата која најмногу му се допаѓа на гледачот/слушателот. Платформата за гласање ќе биде отворена 7 денови од денот на промоција на композициите, по што ќе го добиеме финалното рангирање на селектираните композиции“.

„Мета.мк“ контактираше и дел од изведувачите кои се во трка за македонски претставник на годинешната Евровизија. На прашањата одговори единствено Калина Велковска – Kaly, која на Националниот избор настапува со нејзината песна „Love and Light“.

Велковска вели дека дојави и коментари за јавно објавените критики и шпекулации околу тоа како функционира и дали е исправен системот за гласање добила од своите колеги и соработници.

„Прво мора да разбереме дека потребата од содржина базирана на провокации и сензационализам е често неопходна за медиумите, но досегашното искуство на македонскиот граѓанин и оправдан скептицизам не го исклучуваат присуството на сомнеж. Никој не може да биде 100 проценти сигурен во ништо, затоа што доколку ги нема фактите пред себе не може да основа релевантен и издржан аргумент“, вели Велковска.

Како една од шестте натпреварувачи, Велковска добила појаснување од организаторите на Изборот дека системот за гласање е легитимен и веќе докажан.

„Како дел од кандидатите, имам одговорност да јавам и право да прашам или да се консултирам со организаторите на различни теми, па последователно ми се врати и концизен одговор за тоа дека системот е легитимен, претходно докажан и употребен и дека нема простор за дилема. Јас искрено се надевам дека е така и дека и организацијата и кандидатите ќе останат со бел образ во процесот“, изјави Велковска.

Македонскиот претставник на најголемата музичка манифестација ќе биде одлучен вечерва во шоуто на МРТ кое почнува во 21:15, кога ќе бидат претставени гласовите од публиката и од меѓународното стручно жири.

Северна Македонија на 66. издание на „Евросонг“ ќе настапи во второто полуфинале. Манифестацијата ќе се одржи во арената „Пала Олимпико“ во Торино, откако минатата година победата ја однесе италијанскиот рок-бенд „Манескин“.