Вечерва промоција на „Скопје во високата зона“ од Калина Малеска

Фото: Издавачка куќа ИЛИ-ИЛИ

Вечерва со почеток во 20:00 часот во кафе книжарницата Буква ќе се одржи промоција на збирката раскази „Скопје во високата зона“ на професорката Калина Малеска.

Станува збор за книга составена од раскази кои, низ четири циклуси, сосредоточени на различни визии што временски и просторно се шират во и околу Скопје, истражуваат различни потенцијални начини на постоење и доживување на искуствата, како можност за трансформирање на постоечките перспективи и светогледи. Разнородни по структурата и наративните методи, расказите содржат утописки, дистописки елементи, реинтерпретација на постоечки бајки, лични доживувања, како и слики на специфични моменти од животот.

Промотер е Лидија Капушевска – Дракулевска, која низ разговор со авторката Малеска ќе ја претстави книгата.

„Читателот посакува да се нурне во кујната на Калина и да ја пронајде онаа суштествена состојка која го дава неодолливиот вкус на збирката: нејзиниот несомнен урбан сензибилитет, шармантните лингвистички игри и инвентивните раскажувачки експерименти, непретенциозната и спонтана нарација која ги проникнува реалното и фиктивното, постапката на „очуднување“ на стварноста, критичката визура на некои актуелни „теми и дилеми“…“, пишува Капушевска – Дракулевска во најавата за промоцијата.

Свој осврт за новото дело на Малеска забележува и Владимир Мартиновски кој вели „Малеска создала еден вид скопски прозен „времеплов”, во кој низ фикционална призма читателите можат да ги следат не само трансформациите на урбаниот простор,  ами и промените на навиките, сфаќањата, меѓучовечките односи, менталитетите, вредносните системи и светогледите на скопјани низ вековите.“

„Скопје во високата зона“ е во издание на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ во популарната едиција ПРОаЗА.

Калина Малеска е професорка по англиска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје и е авторка на три збирки раскази: Недоразбирања, Именување на инсектот и Мојот непријател Итар Пејо, романите Бруно и боите и Призраци со срмени нишки, драмата Случка меѓу настани: Хипатија од Александрија, книгата за деца Арно ама и книжевната студија Облици на моќ во современата книжевност. Нејзини статии поврзани за книжевни истражувања се објавени во домашни и меѓународни списанија.