Со проекција на играниот филм „Три прозорци и едно бесење“ во режија на Иса Ќосја од Косово, денеска во Центарот за култура „Ило Антески Смок“ во Тетово почнува четвртиот Тетовски интернационален филмски фестивал „Ода 2015“. На фестивалот, кој ќе трае до сабота, ќе бидат прикажани 45 краткометражни филмови, неколку краткометражни филмови и работилници на различни теми.

– Отворањето на фестивалот е закажано за денеска во 20 часот. Следната проекција на долгометражен филм е закажана за четврток, кога премиерно во Тетово, во соработка со Агенцијата за филм на Македонија, ќе биде прикажан филмот „Децата на Сонцето“ од Антонио Митриќески, додека петок е предвиден за филмот „Свет од Албанија“ во режија на Ирис Елези и на Томас Логореци – изјави претседателот на фестивалот, Сабедин Селмани.

Во рамки на фестивалот, ќе има главна натпреварувачка програма на документарни филмови. Најавените работилници ќе бидат на тема сценарио, фотографија, режија, менаџирање и организација на филмска продукција. Влезот за сите пет фестивалски дена е слободен.