Вечерва почнува „Евровизија“, македонскиот претставник ќе настапи шести по ред

Евровизија 2021
Фото: Joy Hansson - NPO - NOS - AVROTROS

После минатогодишното откажување на натпреварот поради пандемијата, Изборот за песна на „Евровизија“ повторно се одржува, но во поинакво издание од она на кое публиката и гледачите беа навикнати досега. Домаќин на претставниците од 39 земји годинава ќе биде „Ахој“ арената во холандскиот град Ротердам.

Според програмата, вечерва ќе се одржи првото полуфинале на кое ќе настапат претставници на 16 земји, од кои десетмина на крајот на вечерта ќе се пласираат во големото финале. Македонскиот претставник Васил Гарванлиев со неговата песна „Here I Stand“ ќе настапи под реден број шест.

Македонска делегација Евровизија 2021
фото: @vasilg /Инстаграм

Фаворит за победа на годинешниот избор, според обложувалниците, е Италија, но со големи шанси да ја однесат победата се и Франција и Малта. Северна Македонија припаѓа во земјите со највисоки коефициенти, односно со најмали шанси за победа, заедно со домаќинот Холандија, Албанија, Словенија, Естонија, Шпанија, Полска и други земји.

Изборот за песна на „Евровизија“ годинава се одржува под слоганот „Отвори се“ (Open up), а Владата на Холандија одобри натпреварот да се одржи со ограничен број на публика и со строго почитување на мерките кои треба да обезбедат здравствена сигурност за фановите, натпреварувачите, нивните тимови, како и новинарите и самите организатори. Капацитетот на арената е намален на 3.500 посетители, кои ќе можат да влезат само со негативен Ковид-тест.

Членовите во националните делегации, чиј број е значително редуциран, ќе бидат одвоени од публиката и ќе бидат тестирани на секои 48 часа.

„Евровизија“ е дел од настаните со кои холандските власти спроведуваат тестирање за тоа како можат да се организираат поголеми настани додека трае пандемијата.

Дел од претставниците нема да настапат во живо од Ротердам, туку од нив ќе биде емитуван однапред снимен настап. Таков пример е Австралија, чиј тим не успеал да допатува во Ротердам, додека еден од членовите на полската делегација бил позитивен на корона вирус, по што цела делегација е ставена во карантин, вклучително и пејачот Рафал Брзозовски.

Второто полуфинале од изборот за песна на „Евровизија“ ќе се одржи во четврток, кога ќе настапат уште 17 земји, додека големото финале е предвидено да се случи на 22 мај, сабота.