Вечерва почнува 46-тото издание на Млад Отворен Театар

Со експерименталната претстава „Како крајот и да не е сосема блиску“, во која нема актери, туку изведувачи се луѓе од публиката, вечерва почнува 46-тото издание на Младиот отворен театар (МОТ). Претставата на Битеф театарот, која е инспирирана од суптилните поместувања на светот, односите и човечката интеракција преку виртуелната реалност, аудиовизуелните инсталации и текстот, ќе се прикажува во просториите на МНТ од 20 часот.

Тимот на Младинскиот културен центар (МКЦ) најави дека фестивалот ќе се одржи во два блока, од 18 до 26 ноември и од 2 до 7 декември, со изведби во живо, односно со целосно физичко издание, и со програма од 26 внимателно селектирани претстави.

Русе Арсов во име на тимот на МКЦ изјави дека ова издание на МОТ е особен предизвик, бидејќи се обидува да го зачува духот на еден од најстарите меѓународни театарски фестивал во регионот во време кога многу фестивали се принудени да ги откажуваат своите активности.

„Ќе се случи, за да покажеме дека театарот е жив, дека театарот е во сала, пред публика, таму каде што припаѓа“, нагласи Арсов.

Првиот блок на фестивалот е посветен на меѓународна програма, во која ќе гостуваат претстави од Австрија, Словенија, Бугарија, Турција, Србија и Хрватска, а вториот на домашната независна продукција.

„Куриозитет на ова издание е што ќе имаме можност да одгледаме три изведби на расказите на Румена Бужаровска „Мојот маж“, кој одамна ги надмина границите на нашата земја, а речиси истовремено во сред пандемија се поставуваше на три сцени: Југословенско драмско позориште во Белград, Словенско народно гледалишче во Љубљана и во Драмскиот театар во Скопје“, најавија од тимот на МКЦ.

МОТ оваа година ќе биде домаќин и на австриската продукција „Theater am Lend“ со претставата „Кабли“, во која учествуваат и двајца македонски автори – Ивица Димитријевиќ и Јане Трајковски. Крајот на првиот блок го одбележи Словенско младинско гледалишче (СЛО) и нивната „Уметноста е ормар“ во режија на Иван Петернељ.

Вториот дел од МОТ ќе биде посветен на независната домашна продукција. Со почеток од 2 декември, на репертоарот ќе бидат прикажани претставите на Лука Кортина „Дневна доза мазохизам“, Сибел Абдиу „Модиљани“, Ангела Стојановска со „Срам“, Борис Василески „Вистинскиот запад“, Нела Витошевиќ „Работи за кои не зборуваме“, Јован Ристовски „Три“, Ана Батева „Шапка, анус, чоколадо и уште нешто“, Пандорината кутија: Наследството на ќерката на Ришард Ниечим, „Мајсторот за спомени“ на Јане Спасиќ, „ПодГотвено“ на Дејан Спасовиќ, „Имагинарен, ти“ на Блерим Дардишта и „Јовано, Јованке“ на Јована Зајкова и Бобан Русески.

Овогодишното издание на МОТ ќе се случува на шест сцени, Младински културен центар, Драмски театар, Театар Комедија, МНТ и Дом на АРМ. Билетите за претставите изнесуваат 300 денари. Истите се достапни преку bileti.mkc.mk и на билетарница во МКЦ.

Фестивалот е поддржан од Министерство за култура и Град Скопје.