Вечерва отворање на изложбата „Слободни реки – слободни деца“ по повод денот на водите

Фото: КСП „Центар-Јадро“
Вечерва со почеток во 19:00 часот во просториите на Културно-социјалниот простор „Центар – Јадро“, а по повод Светскиот ден на водите ќе се отвори изложбата „Слободни реки за слободни деца“.
Отворањето ќе започне со проекција на филмот „Заробени реки“ и мини концерт на инклузивниот хор на Колектив Ветерница и Трисомија 21 Скопје.
Изложбата е во организација на КСП „Центар- Јадро“, Колектив Ветерница и ликовното здружeние „Партизанска штампа“.
„Како колектив за користење на креативна енергија со поддршка на SEENET и Еко Свест тргнавме во инклузивна истражувачка експедиција за природната средина со особен фокус на реките. Нашиот поток со притоките на Општествената градина – Бостание, Природно научниот музеј на Македонија и КСП Центар Јадро, стана вистинска река со богата флора и фауна во која се роди „Флуви“. Флуви е заштитник на слободните реки. Флуви е полу човек – полу риба. Флуви е мутант риба. Флуви е раскажувач за реките. А што се реките? Реките се изворот на живот на планетата земја и нашата мисија е да ги чуваме слободни, природни и чисти. Дојдете заедно да ја почуствуваме чистината на изворот“, се вели во најавата за настанот.