Вечерва отворање на изложбата посветена на македонската наива во Куманово

„Таа и тој“, 2019, фото: мета.мк

Вечерва, во 19:00 часот во уметничката галерија во Куманово ќе биде отворена изложбата за наивата во Македонија.

За време на отварањето ќе биде промовирна книга за феноменот на творештвото што припаѓа на овој правец од сликарството. Книгата се состои од обемен текст пресликан на 16 страници и преку стотина колор репродукции на дела од правецот во светски рамки со посебен акцент на домашната уметност насочена кон наивата.

Свое обраќање на вечерашното отварање ќе има академикот Васко Ташковски, а присутна ќе биде и минстерката за култура, Ирена Стефоска.

На изложбата што е во кураторство на Гоце Божурски ќе бидат застапени дела на светски познатиот и меѓународно признат уметник Вангел Наумовски. Покрај негови ќе бидат изложени дела и на Ѓорѓе Шијаковиќ, Добри Трендафиловски-Добрин, Ристо Ристовски и Крсто Славковски, кои се припадници на основоположничката генерација, но и Боро Арсовски, Љубица Андреевска Љупка, Трајко Матевски Рисимкин, Стеван Поповски, Ангел Петровски, Љупчо Серафимов, Васко Ристовски и други сликари, како и скулпторите Живко Каровски, Стоимир Веселинов, Петар Давчев, Бранко Кајсторовски, Владо Стојанов, Живко Богатинов, Атанас Атанасов и Станимир Стојаноивски-Мичо.

Наива е насока во ликовната уметност што ги претставува делата креирани од самоуки уметници, односно создавачи кои немаат завршено некаков вид на формална едукација. Оваа уметност е често препознаена поради својата искреност, директност и отвореност што асоцира на дело стоврено од детска рака.