Вечерва нова епизода на „Шорткат“: Труење со арсен, еден од најстарите и најмоќни отрови

Во новата епизода на емисијата „Шорткат“ ја пренесуваме сликата од една од најцрните еколошки точки во земјава. Од труењето со арсен на почвата, водите и воздухот во кумановскиот регион се засегнати илјадници лица.

Арсенот е еден од најстарите и најмоќните отрови што во минатото се користел за убиства на луѓе, а во земјава е расфрлан на неколку локации. Некогашниот рудник за хром во Лојане престанал да работи во ’70-тите години на минатиот век, но до ден денес ги труе околните жители. Во близина на рудникот, на само стотина метри од расфрланиот арсен сулфид, се наоѓа и основно училиште.

Најголем дел од студентите не гласаат на студентските избори, ниту знаат кои се претседател(к)и на универзитетските и факултетските студентски собранија. Резултатите од анкетата која ја спроведовме на Инстаграм покажуваат дека 70 отсто од студентите ниту еднаш не учествувале на студентски избори изминативе две години. Ситуацијата не е поинаква ниту годинава, па на изборите на Економскиот факултет во Скопје во ноември гласале само 42 студенти, што е помалку од 2 отсто од вкупниот број студенти на Економскиот факултет на УКИМ. Студентите не се ниту заинтересирани да се вклучат во работата на ФСС и УСС на нивните факултети и универзитети.

Прогласени се победниците на Хакатонот во рамки на 17-тата конференција „е-Општество.мк“. Победничката идеја е создавање апликација која ќе бара информации за училиштата и нивните капацитети и опремата, и која потоа ќе овозможи натпревар помеѓу училиштата за престиж. Апликацијата ќе има и приказ на тоа колку казина има околу училиштата и дали истите се наоѓаат на законски предвиденото растојание од училиштата.

Во новата епизода погледнете и како помина зимското Арт-бостание што се одржа минатата сабота во Скопје.

Информирајте се подетално за овие важни теми и настани во најновата епизода на „Шорткат“.