Вечерва на стадионот „Драгао“ во Порто, Македонија игра за прво учество на еден мундијал

Фото: ФФМ

Вечерва, со почеток во 20:45 часот на стадионот „Драгао“ во Порто ќе започне фудбалскиот натпревар во кој Македонија игра против Португалија. Победникот на овој натпревар ќе обезбеди пласман на Светското фудбалско првенство во Катар. Ако македонската репрезентација успее да победи, тоа ќе значи прво учество на еден фудбалски мундијал од осамостојувањето на земјата.

Селекторот Благоја Милевски соопшти дека е свесен за тежината на овој меч, но и за силата на противникот.

„Залудно е да се трошат зборови за тимот на Португалија, имаат извонредни играчи. Ние не сме дојдени тука како туристи, дојдовме да уживаме во натпреварот и да победиме. Никој не очекуваше да играме финале за пласман на СП, ние сме тука, нема бегање од тоа“, рече Милевски.

 

„Македонија изненади на многу натпревари, но убеден сум дека утре нас нема да нè изненади. Португалија ќе победи и ќе одиме на Светско првенство. Нема Светско првенство без Португалија“, изјави вчера најголемата фудбалска ѕвезда на Португалија, Кристијано Роналдо.

Клучните 90 минути вечерва на стадионот ќе ги гледаат 50.000 гледачи во публиката која ќе биде на страна на домаќините. Утрово со чартер лет кон Порто заминаа 330 македонски навивачи за да ги бодрат нашите репрезентативци.

За финалето од баражот за пласман на Светското првенство акредитирани се околу 102 новинари и 37 фоторепортери.

Историска победа над Италија, Македонија чекор поблиску до пласман на Светското првенство во Катар