Фото: Мета.мк

Фондацијата Метаморфозис oрганизираше вебинар за новинари за клучните факти за ковид-19 и вакцинацијата, во обид да им помогне полесно да ги препознаат и да се справат со различните дилеми, но и дезинформации, што се појавуваат на темата корона вирусот и вакцинацијата. Посебно внимание беше посветено на дезинформациите дека вакцините се опасни – дека предизвикуваат ковид-19 и дека ја менуваат ДНК-та на пациентот.

Доктор Александра Георгиева, специјализант по кардиологија и претседател на Здружението на лекари-специјализанти на вебинарот обрна внимание на фактот што иако многумина знаат што се јасни дезинформации, посебно внимание би требало да се обрне на скриените фабрикувани информации пласирани во медиумите.

„Тие ја имитираат содржината на квалитетен новинарски текст, но со подетална анализа се гледа дека се фабрикувани вести. Има делумно фабрикувани вести кои прикажуваат една информација и ја вадат од контекст, со што се искривува вистинската слика за ковид-19. Во таквите вести најчесто нема извор на студија, или препораки од релевантни институции“, објасни Георгиева.

Таа додаде дека медицината која се применува во Македонија, се заснова на веќе постоечки студии и правила поставени од Европската лекарска унија.

Како особено плодна почва за ширење на дезинформации или делумно вистинити информации, Георгиева ги посочи Интернетот и социјалните мрежи, и кажа дека тие се некогаш извор на многу вистински проблеми што може да предизвикаат сериозни оштетувања на здравјето и дури и смрт.

„Проблемот произлегува откако пациентите „ќе добијат дијагноза“ на интернет, на Гугл, која може да биде и неточна, тие не одат да се советуваат со лекар, туку се лекуваат самите“ посочи Георгиева и објасни дека затоа се случуваат несакани последици кај пациентите, кои може да завршат и трагично.

При известувањето за Ковид-19 таа нагласи дека медиумите треба секогаш да ги проверуваат студиите на кои се повикува изворот, како и кој ги спонзорира.

Во врска со дневните статистики за процентот на вакцинирано население кои секојдневно ги соопштува Министерството за здравство, Георгиева посочи на еден недостаток.

„Вакцинирано лице се смета кога е ваквинирано со две дози. Според тоа точната информација колку граѓани на Македонија се вакцинирани е бројката на оние кои ги примиле и двете дози“, рече Георгиева.

Во врска со бројните дезинформации кои се проширја во јавноста околу ефикасноста на вакцините поради брзиот период во кој беа развиени, докторката нагласи дека сите вакцини, без разлика дали се за ковид-19 или други болести, поминуваат низ ригорозен стандард за одобрување.

Георгиева зборуваше за уште еден негативен тренд на верување – дека тие што примиле вакцина може да се разболат од ковид-19 од вакцината или пак нивното ДНК да се промени. Таа нагласи дека вакцината во никој случај не може да се инкорпорира во генетската структура на човекот и дека не ја менува ДНК-та.

„Вакцината не може да предизвика зараза од ковид 19. Се јавуваат вообичаени реакции, кои може да траат два до три дена. А, тоа е нормален имунолошки одговор“, објасни Георгиева.

Таа додаде и дека не смее да се создаде мислење дека вакцината е магична бариера и дека иако некој ги добил и двете дози вакцина, сепак треба да продолжи да ги применува предвидените мерки за заштита.

Исто така, докторката рече за да се постигне точно и правилно известување за болеста, новинарите треба да имаат консултации со медицински лица. На тој начин ќе се спречи делумна дезинформација.

Учесниците на вебинарот заклучија и дека лекарите треба да се однесуваат професионално и да се воздржат од приватни и неиздржани ставови при интервјуа во медиумите, а и на социјалните мрежи за да не се шират дезинформации.

Исто така, еден од заклучоците беше Лекарската комора да стане поактивна и да забрани делење медицински совети и дијагностицирање и по Фејсбук, за што може да го преземат искуството од новинарското здружение.