Фото: Ed Rojas on Unsplash

Порано имавме случаи, некој медиум да објави некоја дезинформација, а потоа десетици други таа да ја преобјават. Откако ќе се утврдеше дека станува збор за дезинформација, за тоа да објавуваа само некои други медиуми што не ја објавиле првичната вест, а текстот со дезинформацијата си остануваше јавно достапен и добиваше видливост. Но, откако почнавме да ги рецензираме, сега веќе ситуацијата е поинаква. Кога некој портал ќе објави дезинформација и ќе дознае дека станувало збор за дезинформација, веднаш ја бришат од веб-сајтот, но ги бришат и постовите од Фејсбук и другите социјални мрежи, знаејќи дека може да бидат предмет на наша проверка, објасни Владимир Петрески, уредник на „Вистиномер“ на вебинарот што беше посветен на соработката на „Вистиномер“ со социјалната мрежа Фејсбук, во делот на проверката на фактите во објавените постови, фотографии или видеа на Фејсбук или на Инстаграм.

На настанот што слободно можеше да се следи на Фејсбук-страницата на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ , Петрески објасни дека програмата за проверка на факти на Фејсбук, датира уште од 2016-2017 година, по поплавата на дезинформации за претседателските избори во САД, кога станува јасно дека мора да се преземат мерки за да се сузбие ширењето на дезинформациите. Вистиномер е учесник од Северна Македонија во Програмата за проверка на факти на Фејсбук од август 2020 година, исполнувајќи ги строгите услови на Меѓународната мрежа за проверка на фактите.

Многу е важно, а јавноста многу малку го знае, е дека рецензентите на содржините не бришат постови од Фејсбук, нагласи уредникот на „Вистиномер“.

„Ние може да правиме проверки само на содржини што се јавно достапни, без ралика дали се само постови, или само фотографии и видеа… Првата работа за која бевме остро нападнати беше дека бришеме содржини и дури и профили на Фејсбук. Тоа не е точно. Нашата работа завршува со објавување на рецензијата и доделување оценка. Што понатаму се случува, тоа нема врска со нас. Ние се бавиме исклучиво со проверка на факти, не оценуваме дали е нешто говор на омраза, дискриминација. Ако во некоја содржина покрај говор на омраза, има и дезинформации, ние ќе ги оцениме дезинформациите. Наш централен фокус, пред и над сè, е проверката на фактите“, објасни Петрески, образложувајќи дека оценките што рецензентите можат да ги дадат се „дезинформација“, „делумна дезинформација“, „недостиг на контекст“ (пример се кликбејт-насловите), потоа „манипулирани документи“ и „сатира“.

Тој потенцираше и дека од појавата на ковид-19, дури две третини од нивните оценки, односно рецензии, се дезинформациски содржини за оваа болест и за вакцините против неа и така и ќе продолжи и понатаму, бидејќи дезинформациите може сериозно да го загрозат јавното здравје.

За принципите според кои граѓаните, односно корисниците на социјалните мрежи може да препознаваат лажни вести и манипулации, говореше новинарката Ана Анастасовска.

„Прво, мора да бидете скептични кон насловите што ги читате. Голем дел од лажните вести знаат да користат привлечни наслови, да завршуваат со извичник, да почнуваат со зборови како „шокантно“, „неверојатно“… Ако е нешто „неверојатно“ големи се шансите и да не е за верување. Треба и добро да го истражите изворот на веста – да проверите дали е напишана од медиум или автор на коишто им верувате и се веродостојни. Ако не го знаете сајтот, проверете во Импресумот или делот „Кои сме ние“. Ако нема такви информации, треба да бидете многу претпазливи дали ќе споделувате содржини од тој сајт“, порача Анастасовска, објаснувајќи дека сајтовите што пласираат главно лажни вести имаат многу правописни грешки, лошо и тешко разбирливи текстови.

„Треба и добро да ги проверувате фотографиите – некогаш тие се користат како доказ за нешто што не е вистина. Така беше случајот со содржината што се појави кај нас, а беше преземена и од некои медиуми, дека некој во Прилепско убил штркови. Но кога направивме проверка преку пребарување за фотографии на Гугл, видовме дека фотографијата што се користеше како доказ во веста е всушност направена во Турција“, објасни новинарката, посочувајќи дека исто така често се прават манипулации и со стари содржини што се пласираат како нови при пласирање дезинформации, па читателите треба убаво да проверуваат и во други медиуми дали таа вест е нова или е стара и се користи да манипулира.

Проверката дали и кои други медиуми објавиле содржина како таа што ни е сомнителна обично многу бргу може да ни укаже дали е нешто вистина или лажна вест, појасни Анастасовска.

Владимир Петрески објасни и дека во последно време се многу зачестени лажни реклами за лажни „чудесни“ лекарства и препарати, што вообичаено се многу скапи и се нарачуваат, а не може да се купат во аптека, па „Вистиномер“ ќе продолжи со рецензирање и оценување и на ваквите содржини.