Министерството за здравство информира дека веб-страницата „Vakcinacija.mk“ на која граѓаните може да искажат заинтересираност за вакцинација против ковид-19 е достапна и на албански јазик на следниов линк.
Пуштањето на верзијата на албански уследи откако Порталб.мк реагираше што апликацијата минатата седмица беше пуштена само на македонски јазик, а не и на албански.
На оваа веб-страница досега 46.023 лица го пополниле формуларот за пријавување. На овој начин, тие се регистрираат во електронскиот систем „Мој Термин“, а матичниот лекар може да го види податокот за секој пациент.
Преку оваа апликација, граѓаните искажуваат само интерес, но не и закажување за термин за вакцинација. „Мој Термин“ го утврдува датумот и часот за вакцинирање согласно фазите кои се содржат во Националниот план за имунизација на населението во земјава.
Вчера, во земјава пристигна првата пратка 4.680 од вкупно 8.000 вакцини против ковид-19 на „Фајзер“, кои беа отстапени од од Република Србија. Во текот на денешниот ден ќе заврши и регуларната процедура во МАЛМЕД, а од среда вакцинацијата почнува со здравствените работници во модуларната клиника во Клиничкиот центар во Скопје.