Притисокот треба да биде насочен кон мафијата и не треба да се очекува Ал Капоне да седи во влада, туку да оди кај што му е местото.

Ова беше едно од проширените барања на „Протестирам“ кое Бојан Маричиќ од Македонски центар за европско образование го соопшти на протестот пред Собранието.

Тој ги повтори барањата на демонстрантите за целосно повлекување на аболицијата, оставка на владата, ослободување на демонстрантите, вклучување на граѓанскиот сектор во решавањето на кризата, како и формирање на специјално одделение во Кривичниот суд за предметите на СЈО.

Замир Мехмети од „Шарената револуција“ му се обрати на министерот за внатрешни работи, Митко Чавков.

– Џабе повикувате активисти на информативен разговор. Изгубени сте, не знаете од каде да почнете. Ве плаши будењето на народот. Џабе праќате полицајци во цивилка да не снимаат – рече Мехмети и порача дека „Шарената револуција“ не се плаши.

Според Мехмети „Шарената револуција“ ја испишува историјата на Македонија бидејќи е колективен глас на разумот, а кошмар за фашизоидните шизофреничари.

Пред Собранието беше и донесен импровизираниот затвор со кукли на дување со ликовите на аболираните Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески и Мартин Протоѓер и на кои им беа ставени лисици.

Демонстрантите повторно со чатал ги обоија фасадите на Собранието и на Владата.