Вчера заврши гејминг викендот организиран од Македонската Е-спорт Асоцијација

Победници во ДОТА 2 на гејминг викендот / Фото: Македонска е-спорт асоцијација

Заклучно со вчерашниот ден беше затворен првиот Gaming Weekend во организација на Македонската е-спорт Асоцијација (МЕСА). Во саботата се одигра 1 на 1 натпреварување во видео играта Dota 2, додека пак в недела добивме победник во светската мобилна сензација Clash Royale, а во текот на вчерашниот ден шахистите беа на сцена и се натпреваруваа пред гледачите, информираат од МЕСА.

Победници во шах / Фото: Македонска е-спорт асоцијација

„Е-спортот и гејмингот земаат огромен замав во последниве неколку години, новата ковид реалност во која живееме само го утврди и потенцираше овој факт. Како релативно нова непрофитна организација, МЕСА цели да биде лидер на македонската е-спорт сцена. Нашиот залог за гејмингот активно го докажуваме, а за тоа говори фактот дека од самиот почеток на оваа година организиравме 6 онлајн турнир во разни популарни видео игри. Веруваме цврсто дека иднината на спортот и забавата се наоѓаат токму во видео игрите и заедно со нашите сѐ побројни поддржувачи, како и сѐ побројната публика работиме кон етабалирањето и афирмирањето на e-спортот во нашата држава. Честитки до сите победници како и голема благодарност до нашите поддржувачи и до публиката која константно нѐ уверува да продолжиме да се движиме по овој правец“ – изјави Константин Пејоски, Претседател на Македонската е-спорт асоцијација.

Победници во Clash Royale / Фото: Македонска е-спорт асоцијација

Како и во светски рамки, во последните неколку години гејмингот во Македонија и во рамки на Балканот доживува огромен подем. Врвните играчи на овие видео игри се сметаат за професионални атлети и добиваат визи еднакви на професионалните фудбалери, кошаркари, ракометари или било кои други врвни спортисти. Енормната бројка на гледачи кои ги следат овие натпреварувања година за година руши рекорди и со ковид-19 пандемијата веќе се искачи на ново високо ниво.

Се очекува е-спорт публиката до крајот на 2020-тата година да се искачи до 500 милиони гледачи, а самата индустрија да биде вредна околу 1.3 милијарди долари.