Фото: Мета.мк

Прва доза вакцина вчера примиле 4.799 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 11.695 граѓани, соопшти Министерството за здравство. .

„Со последните бројки 58 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 55 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 50 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 40 отсто од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина“, информираат од Министерството за здравство.

Тие додаваат дека граѓаните без закажан термин може да се вакцинираат во постоечките вакцинални пунктови низ државата, додека процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба.

Министерството за здравство информира дека на вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 446.008 граѓани. Во државата досега вкупно се аплицирани 713.114 дози вакцини, а ревакцинирани се 267.106 граѓани.

„Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата. Ревакцинацијата се одвива во спортските сали низ градовите во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп и во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје“, информираат од Министерството за здравство, апелирајќи до граѓаните да се вклучат во масовното вакцинирање против ковид-19.