Неколку апликации за социјални медиуми и интернет услуги вчера попладне беа повторно во прекин, вклучувајќи ги Snapchat, Spotify, Google Cloud и Amazon. Веб-страницата за следење на прекини Downdetector покажа скок во извештаите за проблеми на овие апликации, јавува Скај Њуз.
Над 50.000 корисници на Spotify се пожалиле на проблеми со користењето на музичките содржини на нивниот сервис, при што компанијата вчера појасни дека е свесна за проблемите и истите ги проверува.
Snapchat исто така призна дека корисниците вчера попладне имале проблеми со употребата на нивната апликација, додека техничката поддршка на Google Cloud исто така информираше за проблем со прекин на користење на услугата.
Инаку, техничките проблеми беа воглавно решени за 30-тина минути по нивното појавување, така што апликациите за социјални медиуми и интернет услуги брзо излегоа со информација за надминување на прекинот.
Ваквите технички проблеми доаѓаат по шестчасовниот прекин кои што ги погоди услугите на Meta, вклучувајќи го и Facebook, минатиот месец, кои се појавија по погрешните промени во конфигурацијата на рутерите на оваа компанија.
Социјалните мрежи – Facebook и WhatsApp беа недостапни за нејзините 3,5 милијарди корисници минатиот месец поради технички проблеми. Од компанијата тогаш соопштија дека не постоела никаква злонамерна активност позади раширениот прекин.