Силен ветер со брзина до 134 километри на час предизвика големи штети во повеќе делови од Македонија вчера. Искорнати дрвја, оштетени покриви, уништени возила и домови се дел од последиците од невремето, во кое беа повредени и десетици граѓани.

Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информираат дека станува збор за исклучително редок метеоролошки феномен за овие простори.

На Автоматската метеоролошка станица во Штип, во 17 часот, е регистриран оркан со максимален удар на ветер од 134 км/час со правец запад-северозапад додека во Скопската котлина, на Автоматската метеоролошка станица Скопје, во 16:10 часот е регистриран оркан со максимален удар од 130 км/час со правец север-северозапад.

Слично силен ветер последен пат бил измерен во јули 2012 година, кога во штипскиот регион достигнал брзина од 155 километри на час.