Фото: Мета.мк

Министерството за здравство информира дека во текот на вчерашниот ден вкупно биле вакцинирани 13.725 граѓани. Прва доза вакцина против ковид-19 вчера примиле 12.487 граѓани, додека преостанатите биле вакцинирани со втора доза. На вакциналните пунктови во државата, заклучно со вчера, вакцинирани биле вкупно 97.004 граѓани, додека ревакцинирани се 21.890 граѓани.

„Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 256.346 граѓани“, информираат од Министерството за здравство.

Во државата вкупно досега се аплицирани 118.984 дози вакцини против ковид-19, а со последните бројки 32 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина.

Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk, а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје и во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и Охрид.

Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk, бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.