fbpx

Важно е мажите да се вклучат во неплатената грижа за постигнување на родова еднаквост

-

Денеска се одржа панел дискусија на тема Мажите и грижата: Грижлив маскулинитет во Северна Македонија, која што беше организирана од Реактор – Истражување во акција.

На панелот, се дискутираше за важноста од вклучување на мажите во грижата и родовата еднаквост, европските практики и резултати на оваа тема, напорите кон воведување на политики за унапредување на вклученоста на мажите во грижата и споделено родителско отсуство, како и важноста од родово сензитивно образование и рушење на родовите стереотипи.

Панелистите ја нагласија потребата од препознавање на вредноста на неплатената грижа и потребата од изнаоѓање соодветни формални решенија за неформалната економија на грижа.

Ели Скамбор, директорка на Институт за мажи и родови прашања од Грац, Австрија, во своето обраќање нагласи дека мажите треба да можат да се грижат за децата, партнерите, болните и постарите лица, но и за себеси.

„Рамнотежа помеѓу приватниот и работниот живот мора да се постигне со вклучување на мажите во активностите за грижа, со што ќе се унапреди родовата еднаквост и дистрибуцијата на неплатената и платената работа. Мажите имаат бенефит од вклучување во активностите поврзани со грижа, позадоволни се од партнерството, имаат подобра врска со своите деца, а децата учат што значи родова еднаквост во пракса“ додаде таа.

„Во просек, жените во Република Северна Македонија извршуваат 72,5 отсто од вкупната неплатена работа поврзана со грижа, додека придонесот на мажите е околу една четвртина од вкупниот обем на работа. За жал, сѐ уште не е препознaена вредноста на неплатениот труд на грижа, но доколку оваа работа од страна на жените во Република Северна Македонија се вреднува дури и со минимална плата, во текот на една година, минималната монетарна вредност би била 1,917,895,508 €, што е 17,18 отсто од бруто домашниот производ (БДП) на Република Северна Македонија за 2019 година“ – велат од Реактор.

Тие денеска ја презентираа нивната најнова студија, насловена Мажите и грижата (МиГ): Грижлив маскулинитет во Северна Македонија, која се фокусира на состојбите со неплатената работа и грижа и меѓу другото ги разгледува и родовите јазови во платената и неплатената работа, фокусирајќи се на мажите и грижата, како и на политиките за родителско и татковско отсуство.

Според Реактор, неопходно е унапредување на политиките за грижа, што подразбира измени во националното законодавство и родово посензитивни политики коишто ги земаат предвид и мажите кога станува збор за грижата за децата.

„Новиот Закон за работните односи треба да вклучува мајчинско, татковско и споделено родителско отсуство, можност за отсуство за грижа и право на флексибилен работен ангажман. Понатаму, јавните и приватните политики треба да промовираат создавање работни средини кои поддржуваат рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот. Дополнително, образовните политики треба да промовираат родова еднаквост“ – заклучуваат од Реактор.

На панелот дискутираше и Светлана Цветковска, раководителка на Сектор за еднакви можности, Министерство за труд и социјална политика, која ги презентираше активностите на Министерството за унапредување на родовата еднаквост, како што се предвидените реформи во Законот за еднакви можности на жените и мажите и Законот за работните односи и напорите кон воведување на политики за споделено родителско отсуство.

Марк Гартнер од Институтот за мажи и родови прашања од Австрија зборуваше за европскиот проект Мажите и грижата, резултатите од истиот и европските практики. Бојан Јовановски, извршен директор, ХЕРА – Aсоцијација за здравствена едукација и истражување ја нагласи важноста на родово сензитивното образование во рушење на родовите стереотипи и унапредување на родовата еднаквост.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Сојузот на синдикати најави три протести, првиот ќе се одржи во вторник

Работниците и граѓаните повеќе немаат изговор да не учествуваат на протестите што ги организира Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), рече првиот човек на Сојузот, Слободан Трендафилов, на прес-конференција...