Васко Атанасоски, вокалот на групата „21 Век“, со најдобар перформанс на фестивал во Белград

Фото: Indirekt Showcase Festival

Викендов во Домот на млади во Белград се одржа Indirekt Showcase Festival каде во неделата на 14-ти ноември настапуваше и македонскиот бенд „21 Век“.

Магазинот за поп култура „Ravno do dna“ го оцени настапот на „21 Век“ како еден од најдобрите, ставајќи го на иста линија со српскиот диџеј Владимир Ленхарт зад кој стои Ленхарт Тејпс Оркестра продукција.

„Титулата за најдобар ‘шоумен’ ја однесе Васко Атанасоски. Потписникот на овие линии наивно мислеше дека ги забележал сите трансформации на ова, за кое слободно може да се каже гуру на македонскиот урбан звук во текот на својата дваесетгодишна кариера, почнувајќи од Bernays Propaganda и Xaxaxa па натаму. Но, неделниот настап донесе нов момент. Бендот „21 Век“ во атмосферата на албумот го носи пост панк минимализмот, а во живо како да го киднапира панкерскиот дух на Васко кој „паѓа на гас“ и на и тука останува „заглавен до крај“, пишуваат од поп магазинот.

„Поп наративот на „21 Век“ на Атанасоски му дава голем простор за комуникација со публиката што носи и ‘stand up’ димензија која Васко ја „задебели“ со тоа што за време на енергичниот настап истроши и цело шише вино. Како да беше некоја македонска верзија на покојниот Tuste – хипи панкер – од една страна полн со огорчена жештина кон приликата, а од друга страна полн со љубов кон сите, истовремено задевајќи се на сметка на српскиот претседател, додека ги раскажуваше своите „Тома Здравковиќ анегдоти“. Значи, ногата на гас се вкочани од стисокот, а шоуто на „21 Век“ беше на максимум, а околу тоа до кога ќе издржи, тоа е друга приказна… Но, на Васко човек може да се обложи, он е жилав карактер на зезната сорта“, завршуваат од „Ravno do dna“.

Групата „21 Век“ е изнедрена од пост-панк круговите на македонската алтернативна сцена и формирана од долгогодишните соработници и пријатели Васко Атанасовски, Дени Крстев и Раде Јордановски. Бендот има извадено 3 студиски албуми, а неодамна, во септември го објави и својот најнов албум „Си нацртав живот“ под етикетата на „Пасворд Продакшан“.