fbpx

Василева Конол: Многу е важно правилно да се развива личноста на детето

-

Детето се раѓа како табула раза. Како ќе го обликуваме, како ќе се развива оваа личност, зависи од многу фактори. Започнува со родителите, а тука се и бабите, дедовците, роднините, пријателите, учителите. Секој од нас има свое лично влијание развојот на личноста на повеќе од едно дете. Прашањето е дали на помала возраст, ние учените, возрасните, умееме да направиме дистинкција помеѓу грижа за развојот на личноста и образование на развој на детска личност, вели за „Мета.мк“ д-р Марина Василева Конол, долгогодишна успешна одделенска наставничка, добитничка на бројни награди и признанија за својата работа.

Ја прашавме што мисли за потребата од работа на развојот на детето, нешто што е цел на новиот Закон за основно образование, кој е заснован на т.н.  „character education“, односно карактерното образование на децата.

– Поголемиот дел од родителите, не велам сите, се повеќе посветени на грижата за децата. Длабока и необјасниво силна е љубовта кон сопствениот пород, и навистина е тешко родителите да одолеат на шармот на своите најмили, особено на нивните прегратки и насмевки. Децата се центар на внимание, немаат никакви задачи додека се мали и многу подоцна почнуваат да се соочуваат со работни обврски и да развиваат работни навики. Затоа почесто преголемата родителска грижа и љубов резултира со градење на размазени и неодговорни личности за себе. Не се децата виновни, туку ние возрасните, токму затоа, лично ја поздравувам промената да се образува развојот на личноста на децата од секаков аспект уште во првите години на основно образование – вели Василева Конол, која предавала на студентите по педагогија и подготвувала идни наставници да користат различни уреди во наставата.

Според неа, не секаде и не сосема воспитната улога е изгубена.

– Ние сме општество во транзиција и тоа не е едноставен процес, туку долготраен и сѐ уште во тек со многу реформи и постојани измени. Исклучително важно е кој ги креира промените, колку се реално применливи и одржливи. Училиштата и наставниците не треба да се посочуваат како проблем. Кога веќе јавноста ја дијагностицира оваа состојба, потребно е да се размисли подлабоко и да се направи промена во гледиштето на решавањето на овој проблем. Наместо решението да се бара од училиштата, каде и зошто се изгубила воспитната компонента, треба да се размисли како овој проблем може да биде решен во квалитетно и реално остварлива Националната образовна стратегија која во себе ќе го содржи излезот за ситуацијата која се детектирала. Мораме да прекинеме со обвинувачка политика, некој друг ни е виновен за сѐ – смета наставничката.

Наставните планови и програми според неа треба навистина да се практично имплементабилни.

– Убаво е да се вклучат поголем број на наставници кои имаат во себе години на искуство во директна настава во училница, наставници кои ќе дадат мислење за квалитетна настава и реализација на воспитание на личноста на децата во комбинирани паралелки, деца со посебни потреби. Тие треба да бидат вклучени во креирањето политика на образованието за идните генерации. Мудроста е во искусните – додава Конол.

Како што таа објаснува, за влијанието на развојот на младата личност во општеството, треба добро да размислат и нашите политичари.

– Ако ученик во прво одделение има цврст став дека кога ќе порасне сака да биде политичар, а причината е дека најбргу ќе се збогати бидејќи најлесно се краде, тогаш верувајте дека воспитната компонента е најтешкиот предизвик за било кој наставник во време на општествена невоспитаност. Наставниците се преоптоварени со администрација, која ги задоволува само строгите инспектори, советниците, директорите, тие во исто време се загрижени за своите работни места, оптеретени со политиките на партиите кои ги вработиле и реваншизми од секаков вид. Крајно време е политиката да ги тргне своите раце од образованието, директорите да се назначуваат според квалитет, а не со партиска книшка. Нема креативност во развојот на воспитната компонента кај секој ученик поединечно, доколку наставникот нема слобода во креативноста и поучни примери во блиската околина – вели Марина.

Најчесто странските земји користат холистички пристап во дизајнирањето на нивните образовни политики со цел да биде подржан когнитивниот, физичкиот, психичкиот, социјалниот и емоционалниот развој на детската личност.

– Идеите и знаењата се интернационални и тие го црпат својот бенефит токму тука. Но покрај бенефитот има и безброј опасности на сите страни. Градењето на здрави и успешни личности е комплексен процес и за развиените земји. Тие ги подготвуваат своите ученици да умеат да развијат вештини за адаптирање на промените кои ги чекаат нив како нови професии, ги подготвуваат да умеат да споделуваат знаења и да направат правилен избор за својата иднина. Темата на нивните промени се за имплеметирање на 4-та образовна револуција, а ние сме сè уште во некоја чудна неосознаеност. Мојата лична препорака е дека нема поважен проблем со кој треба да се соочува нашето образование воопшто, отколку да работи на брзо приближување до четвртата револуција во вештачка интелигенција. Завлеговме во сопствен инфантилизам, а оваа револуција може да им ја смени иднината на сите наши деца – потенцира Василева Конол.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...