fbpx

Вашингтон Пост: Европските партнери на САД стравуваат дека изборите може да ја секнат поддршката за Украина

-

Сојузниците на САД во Европа стануваат сѐ позагрижени дека заедничкиот фронт на Западот насочен против руската инвазија на Украина би можел бргу да се намали ако Републиканците победат на парламентарните избори следниот месец, со што би му се овозможила предност на рускиот претседател Владимир Путин токму во времето кога Украина остварува напредок на бојното поле, пишува американскиот весник „Вашингтон Пост“.

Потсетувајќи дека сојузниците на Украина ветиле повеќе од 93 милијарди долари воена, финансиска и хуманитарна помош за земјата, весникот нагласува дека поголемиот дел од таа помош е ветена од САД.

„По коментарите на водачот на републиканското малцинство во Претставничкиот дом, Кевин Меккарти дека ако Републиканците победат, Долниот дом на Конгресот (парламентот) на САД нема повеќе беспоговорно да одобрува финансии за Украина, водачите и во Кијив и во Западна Европа почнаа да се прашуваат дали Украина може да продолжи да смета на САД“, пишува „Вашингтон Пост“.

Сепак, во статијата се нагласува дека уште е неизвесно дали Републиканцие би ја оствариле заканата да ги намалат финансиите за Украина ако ја преземат контролата врз Претставничкиот дом. Истовремено се потсетува на контрастот што го направи водачот на републиканското малцинство во Сенатот (Горниот дом на Конгресот), Мич Мекконел, кој рече дека републиканското мнозинство во сенатот „би ја фокусирало својата надзорна позиција на обезбедување навремена испорака на потребните оружја и поголема сојузничка поддршка на Украина“.

Напорите на претседателот на САД, Џо Бајден, да ѝ помогне на Украина досега уживаа поддршка и од Демократите и од Републиканците, а анкетите покажаа силна поддршка за постојана помош од САД, односно 72 отсто испитаници во анкетата минатата седмица спроведена од Чикашкиот совет за глобални политики, одговориле дека поддржуваат испраќање дополнителни количества оружја и воена помош на Украина, а тој став го имале 68 отсто од анкетираните што се определиле како Републиканци.

„Но и самото споменување дека САД би можеле да се повлечат ги активира алармите во главните градови на Западот “, нагласува „Вашингтон Пост“.

Украина едноставно не би можела да ја натера Русија во повлекување да не беа огромните количества оружје од САД што дојде во земјата од февруари и какво било забавување и намалување на доставата би довело до пресврт во војната во корист на Русија, вели Тобајас Елвуд, претседател на Комисијата за одбрана во парламентот на Обединетото Кралство.

„Така би ја свртеле водата на воденицата на Путин. Ако Америка се повлече, Путин би ја извлекол победата од челуста на поразот“, вели тој.

Намалувањето на помошта од САД би била „отрезнување“ за многу земји во Европа што уште се мачат со исполнувањето на некои од ветувањата за одбрана и финансии дадени од почетокот на инвазијата, вели Катрин Клувер – Ешбрук, политички аналитичар од Германија, која е извршен потпретседател на фондацијата „Бертелсман“ од Вашингтон.

Германија на пример, уште треба да прави за да ги зголеми своите трошења за одбрана, во склад со ветувањето од канцеларот Олаф Шолц.

ЕУ вети 11 милијарди евра финансиска помош за Украина, но досега префрлила само три милијарди.

Иако државните функционери во САД често стравуваа дека европското единство би се расклатило соочено со растот на цените на енергенсите што посебно ги погоди потрошувачите во Европа поради зависнота на континентот од руската енергија, сепак тоа единство се одржа зачудувачки добро, велат дипломатите. Европјаните се поделени околу многу прашања, вклучително и тоа како да се распредели „товарот“ на енергијата и потребата за поголеми ветувања за одбраната на Украина, но околу клучното прашање за спротивставување на Русија, европската решителност остана цврста, за „Вашингтон Пост“ вели функционер од Европа кој побарал да остане анонимен.

„Никој не вели не на ништо. И покрај некои несогласувања околу деталите, никој не се повлекува ниту успорува“, вели анонимниот функционер.

Сепак, останува прашањето дали и кога европските сојузници би се потрудиле да го искомпензираат намалувањето на помошта од САД, прашање е дали се способни за такво нешто, велат аналитичарите. Гледано како проценти од БДП, САД каска зад многу земји од Европа во поглед на својот придонес. Латвија тука води, со 0,9 отсто од БДП, додека САД даде помош вредна 0,2 отсто од БДП, но тоа сепак е многу повеќе отколку што дала која било друга земја.

Гледано во бројки, САД вети 27 милијарди долари, повеќе од седум пати повеќе од вториот по големина донатор – Обединетото Кралство, кое вети 3,74 милијарди долари.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...