Фото: Принтскрин од онлaјн настанот

Воспоставувањето на пробациска служба бара напорна работа во која ќе има неколку приоритети поврзани со реинтеграција и ресоцијализација на сторителите на кривични дела, рече денеска заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ, Џулијан Васало на онлајн завршниот настан на твининг проектот „Јакнење на казнено-поправниот систем и пробациската служба“, кој започна да се реализира на 31 август 2018 година, а чија цел беше унапредување на ефективноста и ефикасноста на пенитенцијарниот систем и развој на ефективна и одржлива пробациска служба, и успешна ресоцијализација во заедницата на лицата на кои им се изречени алтернативни мерки.

„Условите во затворите во С.Македонија стануваат доста тешки. Ние сме сведоци на напорите за подобрување на ситуацијата. Се реконструира затворот во Идризово, затворот во Битола исто така беше реконструиран и подобрени се процедурите преку Управата за извршување на санкции. Пред две години беше донесен и новиот Закон со кој се подобруваат условите за здравствена нега. Меѓутоа, ова се работите околу коишто треба многу повеќе да се трудиме. Именувањето на професионалци во кривично правниот систем треба уште повеќе да се подобри и ова треба да е приоритет за Владата. Исто така, треба да се обрне посебно внимание да несоодветното постапување кое не треба да се толерира“, рече Васало, кој нагласи дека тука се вклучени и други приоритети како образование, ресоцијализација и рехабилитација во затворите, но и по излегувањето од нив.

Тој напомена дека слична е ситуацијата и со притворските установи каде подобрувањето не е целосно видливо.

„Воспоставувањето на пробациската служба беше предизвик, но денес е реалност. Бројот на предмети во пробацијата од 2018 година наваму расте и така треба да продолжи. Потребно е континуирано и силно политичко раководство, како и напорна работа од сите засегнати институции, заедно со финансиски и човечки ресурси, менување на менталитет и однесување, но и целосен респект на човековите права“ потенцираше Васало.

Министерот за правда, Бојан Маричиќ истакна дека успешноста на еден казнено поправен систем е правопропорционална со успешната ресоцијализација и рехабилитација на осудените лица. Тој рече дека воведувањето на пробациската служба во голема мера ќе придонесе за намалување на повторно извршување на кривичните дела од страна на сторителите. Освен тоа, службата ќе обезбеди помош и ќе го засили чувството на сигурност кај жртвите на кривичните дела и ќе помогне да се намали затворската популација.

„Во овој момент имаме воспоставено функционални 11 пробациски канцеларии и 34 пробациски службеници. За 2019 и 2020 година, пробациската мерка е изречена за 441 лице, што значи дека во голема мера е зголемена довербата на судот за изрекување на алтернативните мерки. За овие три месеци од оваа 103 пробациски случаи, што е уште еден доказ за подобрениот квалитет на затворскиот систем. Конечно имаме функционален пробациски систем со кој ги имплементираме европските стандарди и кој ја остварува својата цел за реинтенграција и ресоцијализација на осудените лица“, изјави Маричиќ.

Меѓу другото, тој напомена дека создадени се услови за практично имплементација на општо корисната работа, како и користење на ефективен ефикасен надзор на лицата на кои им е изречена условна осуда со заштитен надзор.

Амбасадорката на Сојузна Република Германија, Анке Холштајн посочи дека Твининг проектите се успешна алатка за размена на искуства и приближување до Европската Унија.

„Улогата на Твининг е да на коперативен начин да се пренесе знаење, процедури, гледишта и да се хомонегизира целата ситуација. Другата улога на Твининг проектот е што потикнува соработка и Европски дух“, рече Холштајн.

Амбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп истакна дека Холандија била и е долгогодишен партнер во секторот правда во С.Македонија, особено во подобрувањето на пробациските служби.

„Овие напори на С.Македонија ја приближуваат до ЕУ и ние со задоволство ќе ве прифатиме како еднакви партнери. Можеби има предизвици, но убеден сум дека државата ќе постигне подобри резултати за подобра ресоцијализација и реинтеграција за сторителите на кривичните дела во општеството. С.Македонија не треба да не убеди само нас, туку и сопствените граѓани за успешноста на овој проект“ рече Јан Коп.

Твининг проектот финансиран од ЕУ „Зајакнување на казнено-поправниот систем и пробациската служба“, се имплементираше во соработка со Фондацијата за меѓународна правна соработка од Германија и Центарот за меѓународна правна соработка од Холандија, а главен корисник беше Управата за извршување на санкциите при Министерството за правда.