fbpx

Варвициотис: Не поддржуваме било какво раздвојување на Северна Македонија и Албанија

-

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров го започна своето учество на 6. Економски форум Делфи со панел на тема „Дипломатијата на малите држави во комплексниот поредок“.

На сесијата на која покрај Димитров учествуваа и кипарскиот министер за надворешни работи Никос Христодулидес и грчкиот заменик министер за надворешни работи за ЕУ, Милтиадис Варвициотис, се дискутираше за главните предизвици на „малите држави“ во Европа во контекст на сложениот меѓународен поредок за остварување на националните цели и интереси, како и главните поуки од ковид-19 пандемијата за ефективно делување во комплексноста на меѓународните односи.

Димитров потенцираше дека Северна Македонија извлече голем број поуки во текот на триесетте години од независноста. Успеавме да се приклучиме кон НАТО, со поддршката од нашите соседи во Атина.

„Мислам дека малите држави сакаат предвидливост и интеграција; тоа е на одреден начин, инстинктот да се побара засолниште – кога имаш големи пријатели околу себе, безбеден си. И географијата е особено важна. Едно е да имате уште една група мали држави за соседи, а друго тие да се големи соседи. А, сосема друга приказна е тоа дали се навистина пријателски настроени или не се толку пријателски. Така што, јас мислам дека имаме силен интерес да поддржиме меѓународен систем кој почива на правила, во кој мултилатерализмот игра значајна улога. Прашањето на „чесни посредници“ е, по мене, навистина интересно, зашто ние обично и немаме некој сопствен интерес, и особено во поглед на прашања и земји вон нашиот регион, дефинитивно можеме да ја играме таа улога на чесен посредник,“ рече Димитров.

Вицепремиерот објасни дека пристапот на нашата дипломатија и надворешна политика во текот на изминатите години беше да се фокусираме на иднината, на заедничките интереси, да им отежниме на другите да покренат спор со нас, односно да бидеме пријателски настроени, отворени и да работиме заедно.

Заменик-министерот за надворешни работи на Грција, Варвициотис рече дека „со тоа што Албанија и Северна Македонија ќе пристапат во ЕУ, конечно и ние ќе добиеме копнени граници со други земји-членки од што сме лишени во почетокот бидејќи сме во изолиран ден од ЕУ без физички граници со останатиот дел од Унијата.“

„Сакам да кажам дека новиот процес на проширување за кој се согласивме минатата година, треба да биде кредибилен процес и треба да биде процес што ќе се одвива со поголема брзина во споредба со стариот процес на проширување, низ поглавја, низ преговори што никогаш не завршуваат. Затоа е битно овој процес да почне веднаш за сите кандидатски земји. Ние не поддржуваме било какво раздвојување на Северна Македонија и Албанија, сметаме дека тоа би било катастрофално за регионалната сигурност. Исто така, сакаме Црна Гора и Србија да го забрзаат нивниот процес на пристапување кон ЕУ, за да може поблиску да соработуваме со ЕУ,“ рече Варвициотис.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Појавата на болести сѐ поголема закана за жителите на Газа

Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци, UNRWA денеска соопшти дека заканата од појава на болести во Газа станува сѐ поголема, бидејќи температурите почнуваат да растат. „Нашиот страв е...