fbpx

Вархеји на средби во Скопје, Ковачевски и Османи порачуваат сега е момент за почеток на преговорите со ЕУ

-

По вчерашната посета на Бугарија, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји денеска оствари посета на Северна Македонија. Вчера од Софија ја испрати пораката дека прашањето за почеток на преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ треба да се реши до јуни годинава, а денеска Вархеји се сретна со македонскиот премиер Димитар Ковачевски, со заменикот на претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ и со министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Вархеји денеска не даваше изјави за медиумите, но по средбите се огласи на Твитер. Тој по средбата со премиерот Димитар Ковачевски истакна дека постои посветеност за продолжување на напорите за започнување на пристапните преговори пред крајот на француското евро-претседателство, кое инаку завршува на крајот на јуни и дека нема време за губење и процедурите мора да се забрзаат.

Од владиниот кабинет соопштија дека на средбата Ковачевски-Вархеји било заклучено дека деблокада на евроинтеграциите е неопходна веднаш.

„Постои согласност дека сега е моментот за деблокада на евроинтеграциите на Република Северна Македонија, што во спротивно може да остане уште долг период отворено прашање, а тоа не е од полза на ниту една страна“, наведоа од Владата.

Исто така, за време на средбата, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, нагласи дека постојаното одлагање на добивање датум за почеток на преговорите, се одразува на домашната политика и го зголемува евроскептицизмот.

„Бевме и ќе останеме посветени на одржување на позитивни резултати во спроведувањето на реформите, како што е потврдено во последниот извештај на ЕК за земјата, и никој не може да го негира тоа. Веќе е време да се даде нов тек на нашата европска агенда и да ги започнеме преговорите со Европската Унија“, рече вицепремиерот Маричиќ.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи исто така нагласи дека регионот е сѐ повеќе уморен од чекање, со што страда кредибилитетот на Европската унија.

Османи и Вархеји се согласија дека новите геополитички околности налагаат потврдување на политиката на проширувањето како геостратешка инвестиција во мир, стабилност, безбедност и економска благосостојба на целиот европски континент.

„Северна Македонија досега покажа исклучително ниво на посветеност за напредокот на земјата на нејзиниот пат кон Европската Унија. Дополнително, постигнавме 100% ниво на усогласување на државата со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата. Време е и Европската унија да пружи рака кон државите од Западен Балкан и јасно да демонстрира дека иднината на регионот е европска. Регионот е сѐ повеќе уморен од чекање, со што страда кредибилитетот на Европската унија“, порача Османи.

Еврокомесарот работната посета ја искористи и да даде акцент на руската воена инвазија на Украина. Тој на Твитер напиша дека ЕУ и нејзините најблиски партнери треба да останат обединети во стратешкиот интерес на целиот регион на Западен Балкан и се заблагодари за сета поддршка што Северна Македонија им ја дава на украинските бегалци.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...