Фото: Влада на РСМ

Иако процесите на евроинтеграции на Северна Македонија и Албанија во ЕУ досега течеа заедно, Брисел би можел да ги раздвои и да ги почне пристапните преговори со Тирана, доколку продолжи бугарската блокада на Скопје и не се најде заеднички прифатливо решение со Софија, порача еврокомесарот за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји за „Еуроњус“.

Според него, тоа би значело дека Албанија ќе го продолжи интегративниот процес, а Северна Македонија ќе чека до разрешница на спорот со Бугарија.

„Ако повторно наидеме на тешкотии со Северна Македонија, што значи дека не сме успешни во убедувањето на Бугарија и Северна Македонија за обострано прифатливо решение, тогаш прашањето е дали можеме да одиме напред само со Албанија. И ќе мора да го разгледаме тоа прашање“, вели Вархеји.

Прашан дали постои можност формално да се раздвојат двете земји, тој вели „Да, би можело да има таква опција“.