Фото: Влада на РСМ

Еврокомесарот за проширување на Европската Унија (ЕУ), Оливер Вархеји на Економскиот форум во Тирана изјави дека за Албанија се исполнети сите услови за почеток на преговорите со ЕУ, додека на Северна Македонија ѝ порача дека е важно брзо да најде заедничко прифатливо решение за билатералните прашања со Бугарија.

„Комисијата смета дека за првата меѓувладина конференција со Албанија за почеток на преговорите со ЕУ се исполнети сите услови, благодарение на важните реформи во изборниот закон, владеење на правото и во судскиот систем, вклучувајќи го и ветингот на судиите и обвинителите“, изјави еврокомесарот Вархеји.

Вархеји изјави дека новата методологија во Унијата влијаела на нацрт преговарачките рамки за двете земји од Западен Балкан, а на ниво на ЕУ не е постигната согласност и дека дискусиите продолжуваат. Тој се надева дека првите меѓувладини конференции ќе се одржат што е можно поскоро, за време на Португалското претседателство со Унијата.

Премиерот Зоран Заев на форумот во Тирана рече дека земјава ги исполнува и ќе ги исполни сите услови потребни за членство во Европската унија (ЕУ), дека била првата земја од регионот која го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација во 2001 година, дека за само 4 години подоцна станала и земја кандидат на членство во ЕУ, но дека и по 16 години е во чекалната на ЕУ.

„Северна Македонија никогаш немала друг интерес освен мирно и достоинствено да кохабитира со своите соседи и со сите нации и етникумi во Европа. Но, да бидам кристално јасен и да го повторам уште еднаш ставот на Владата. Ние никогаш нема да си дозволиме да разговараме за она за што не може да се разговара. А, тоа е кои сме, кои се нашите идентитетски атрибути и која е генезата на нашата државност и јазик“, изјави премиерот Заев на Економскиот форум во Тирана.