Имам добри вести за интергацијата на Западен Балкан во ЕУ, таа ќе продолжи и ќе работиме уште посилно и напорно да го оствариме тоа. Мора да ги забрзаме процесите и да вметнеме динамика во нив, изјави еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Оливер Вархеи на заедничката прес-конференција со техничкиот премиер Оливер Спасовски.

Вархеи додаде дека проширувањето е приоритет и мора да се работи врз основа на процената дека Македонија и Албанија се подготвени за почеток на преговори.

„Нема промена во тој став и ќе се држиме до таа првична процена дека мора да почнеме пристапни преговори со овие две земји. Тоа значи дека треба да имаме позитивна одлука од Советот за отворање на пристапните преговори пред Самитот во Загреб годинава. Сакаме да предложиме отворање на пристапни преговори уште пролетва, но тоа треба да дојде заедно со економски план за регионот. На Самитот во Загреб се надевам дека ќе ја добиеме поддршката на земјите-членки за интензивирање на нашето присуство и затворање на економскиот јаз“, изјави Вархеи.

Неговата прва посета во регионот која започна од Македонија ја нарече охрабрување за државата и нагласи дека очекува успешни избори, по кои ЕУ ќе добие сигурен партнер во Владата, посочувајќи дека е клучно спроведувањето на Преспанскиот договор и билатералниот договор со Бугарија, без разлика на тоа која ќе биде следната влада.

– Побарав ЕП да определи награда од 50 милиони евра за постигнувањата и резултатите на земјата во искористувањето на европските фондови. Предлогот очекувам дека ќе добие зелено светло и ќе се овласти исплатата – изјави Вархеи.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски се надева и како што рече „со право очекува одлука за почеток на пристапни преговори во претстојните месеци, по 15 години во чекалната со статус држава кандидат за членство.“