Женскиот ракометен клуб Вардар в недела, во 19 часот, во СЦ „Јане Сандански“, ќе се соочи со Будуќност во дербито од групата Б во рамките на петото коло од Лигата на шампионите. Од клубот велат дека се максимално подготвени и очекуваат победа.
– Ние секогаш очекуваме победа. Наша цел беше и сѐ уште е ако можеме да бидеме први во групата, што не е без значење со оглед на новиот формат. Очекувам да продолжи континуитетот по победата над Подравка. Ја подобривме атмосферата и формата и очекувам еден добар натпревар, едно ракометно дерби за престиж. Јас верувам во нашите ракометарки. Овојпат, како никогаш досега, ни е потребна помош од публиката. Екипата на Будуќност најави присуство на 120 нивни најверни обожаватели. Не би сакала Будуќност да има атмосфера како да игра дома, туку треба да знаат дека се гости на овој натпревар. Затоа ја повикувам публиката да дојде и да ги бодри нашите ракометарки – изјави Гордана Нацева, претседателка на клубот.
По четири кола во групата Б, Будуќност е на прво место со осум бодови и без пораз, а „вардарки“ се втори со три победи и со еден пораз. И двете екипи се сигурни патиници во главната фаза од Лигата на шампиони.