Екипи на Државниот инспекторат за животна средина во текот на вчерашниот ден направиле увид во кругот на некогашна Железарница откако на социјалните мрежи се појавија снимки на кои се гледа дека од еден од канализационите испусти на реката Вардар на излез од Скопје излегува црвеникаво-кафеава валкана вода, но не утврди од каде доаѓа загадувањето. Денес, ДИЖС излезе со соопштение во кое се наведува дека по добиена дојава за испуштање на загадувачки материи во река Вардар од одводниот канал во населба Гази Баба – Скопје, 09.04.2020 година извршиле повеќе вонредени инспекциски надзори, но не утврдиле никакви неправилности.

„Прво е извршен визуелен увид во 12.30 часот, на река Вардар, на горенаведената локација при што се констатира дека водата што истекува има обојување со слабо жолтеникаво-црвенкаста боја која на растојание од 3-4 метри во реката се губи. За време на увидот направена е фото- документација“, се вели во соопштението на Државниот инспекторат.

Потоа бил извршен вонреден инспекциски надзор во Либерти АД Скопје, во комплексот Железара, кој поседува А -Интегрирана еколошка дозвола кои се во надлежност на ДИЖС  при што се констатираше дека работат погоните Лужилница, Пластификација и Поцинкална, но од вработените на инспекторите им било кажано дека немале никакви проблеми и инциденти, а дека нивната лабораторија не пронашла загадување во земените мостри од излезниот базен.

„Од страна на Државниот инспекторат за животна средина било наложено веднаш да се земат проби од излезен  базен 4 и од AGW1 –шахта која потоа оди во одводниот канал и веднаш да се направат анализи на PH и Fe во сопствената лабораторија како и трите земени проби во 10:00 и 13:00 часот да се однесат на испитување во акредитирана лабораторија со сите параметри пропишани во А-интегрираната еколошка дозвола“, стои во соопштението на ДИЖС за еколошкиот инцидент на Вардар.

Резултатите биле потоа доставени до Инспекторатот за животна средина каде е констатирано дека од излезен базен 4 PH изнесува 7,31, а Fe е 4,08 мг/л, а AGW1 –шахта PH изнесува 6,65, а Fe е 4,41 мг/л и тие се во граничните  вредности.

Инспекторите на ДИЖС направиле вонреден инспекциски надзор и во „Макстил“ АД Скопје чијашто Челичарница не работи, а во функција бил само погонот Валавница за дебел лим, а од вработените повторно им било кажано дека немале проблеми со производствениот процес и дека тие самите од социјалните мрежи имаат разбрано за обојувањето на водата во Вардар и веднаш самите зеле проба на вода од пумпна станица Ј-42 и ја доставиле во акредитираната лабораторија –„Техничка контрола“ да извршат целосни анализи согласно А-интегрираната еколошка дозвола.

„Посетена е пумпна станица Ј-42 каде што вишокот на отпадна вода оди во колекторот и продолжува во одводниот канал. На самата пумпна станица Ј-42 поседуваат континуиран мерач за мерење на проток, температура и PH на водата која оди во колекторот. По барање на Инспекторатот доставени се резултати од континуираниот мерач кои се во граничните вредности. По добивањето на резултатите од акредитираната лабораторија–„Техничка контрола“ од 06.04.2020 година и од 09.04.2020 година, им беше наложено, истите да се достават на увид до Државниот инспекторат за животна средина.

Вонреден инспекциски надзор од страна на инспекторите на ДИЖС бил направен и во ЕСМ-Енергетика кој е во редовно функционирање за производство на топлинска енергија и нема континуирано испуштање на отпадни води од работен процес и немал проблеми со испуст на истите, додека двете асфалтни бази кои се со А-Дозволи на ЈП Улици и патишта и БАУЕР БГ од својот работен процес не испуштаат отпадна вода.

И додека Државниот инспекторат за животна средина не го пронајде загадувачот на Вардар во кругот на скопска Железарница, од Градскиот инспекторат и натаму тврдат дека загадување имало, а тоа било видливо и вчера во доцните попладневни часови.

„За еколошкиот инцидент бевме информирани од социјалните мрежи, по што веднаш ги информирав колегите од ДИЖС бидејќи се работи за канализационен испуст од кој се влеваат отпадни води кои потекнуваат од кругот на Железарница, каде загадувачите се со А интегрирани еколошки дозволи. Со оглед дека пред неколку месеци, кога од истото место имаше излевање на загадена вода со истата боја на рѓа, Градскиот инспекторат излезе на лице место по што трпеше критики дека нема надлежност да постапува, овојпат очекуваме колегите од Државниот инспекторат за животна средина да утврдат од каде дошло загадувањето“,вели Мирослав Богдановски, главен градски инспектор.

Инспекторатот на Град Скопје на чие чело е Богдановски, во неколку наврати изминативе месеци извршуваше вонредни и ненајавени инспектирања кај фирми-загадувачи кои се во надлежност на државната инспекција, во неколку наврати дојде во колизија со ДИЖС, а нивните наоди меѓусебно се разликуваа. Во септември минатата година, откако првично градската инспекција утврди загадување на истиот канализационен испуст, Државниот инспекторат постапуваше по случајот дури ден по инцидентот, при што беше казнет поранешен Арчелор Митал, сега Либерти Груп, од чијшто погон истекла отпадна вода со високи концентрации на железо и на хлороводородна киселина која е високотоксична и опасна по растителниот и животинскиот свет.

Богдановски ја предводеше и вонредната ненајавена инспекција во Еко Клуб 95 во февруари, каде беа снимени вознемирувачки фотографии од расфрлан опасен медицински отпад, кој не бил прописно третиран во погоните на фирмата за преработка на отпадот, кои ги објави скопскиот градоначалник Петре Шилегов, повикувајќи го Јавното Обвинителство да постапи во случајот. Државниот инспекторат за животна средина непосредно по направените снимки извршил вонредно инспектирање според кое не била најдена никаква нерегуларност во работењето.