Основното јавно обвинителство Скопје нема да покрене обвинителен акт за професорката Билјана Ванковска за нејзиниот статус на Фејсбук „Каква трагедија и иронија: Карпалак“, веднаш по автобуската несреќа на „Дурмо Турс“ кај Ласкарци на 13 февруари годинава, поради која 16 луѓе ги загубија животите, пишува Порталб.мк.

По статусот, МВР пролетва доставило информација за говор на омраза од Ванковска и други лица до Основното јавно обвинителство – Скопје, но обвинителите во поглед на Ванковска не пронашле елементи за кривично дело што се гони по службена должност.

„Основното јавно обвинителство Скопје, преку Министерството за внатрешни работи, направи проверки, но притоа не беа обезбедени релевантни материјални докази за сторено кривично дело кое се гони по службена должност. Со оглед на тоа, надлежен јавен обвинител донесе Решение за отфрлање на кривичната пријава“, гласи одговорот што Порталб.мк го добил од обвинителството.