Актуелната состојба во судството и препораките од извештајот на експертската група на Европската комисија од 2015 година биле во фокусот на средбата меѓу претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, и експертот на Европската Унија, Рајнхрад Прибе.
На средбата, како што соопштија од судот, Вангеловски истакнал дека реформите во судскиот систем треба да се спроведат со активно учество на судиите, заради подобрување на состојбите на владеењето на правото во Македонија.
Вангеловски и Прибе на средбата договориле разговорите да продолжат во текот на следниот месец.
Водачот на експертскиот тим на Европската комисија, кој треба да ѝ помогне на Владата во процесот на спроведување на реформските приоритети во текот на неговата еднодневна посета на земјава, денеска имаше средби со министри во Владата (шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи) и со опозацијата, односно со членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров.
Прибе на средбата со Димитров и со Османи ја нагласил неопходноста од засилен ангажман и од мобилизација на релевантните институции во земјата за спроведување на препораките од извештајот и на реформските приоритети.
Како што соопштија од Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Прибе и неговиот тим експерти повторно ќе бидат во „работна посета“ на Македонија од 17 до 21 јули.