Белгискиот олеснувач Питер ван Хојте денеска рече дека ако нема договор за деталите на функционирањето на Државната изборна комисија до почетокот на ноември, избори во април се речиси невозоможни.

Тој вели дека сега треба да се постави прашањето дали политичките партии воопшто сакаат да постигнат целосен договор, а според него, кочници има на сите страни.

Како најголем напредок на овие работни групи, Ван Хојте го посочува тоа што политичарите почнале да зборуваат меѓу себе. Тој направи споредба со неговата работа во Македонија пред неколку години кога работеше на анкетната комисија за 24 декември и вели дека тогаш политичарите не зборувале меѓу себе.

Белгискиот олеснувач информира дека голем проблем е тоа што пратениците во Собрание не поставуваат тешки прашања и не бараат отчетност и одговори од претставниците во Владата. Според него, Собранието и институциите во Македонија се дисфункционални.

Како што информира Ван Хојте, главен проблем поради кој е закочен напредокот во преговорите е законот за „бомбите“. Тој вели дека кога станува збор за слободата на изразување и за слободата на медиумите, не се преговара. Исто така, вели дека проблем се и надлежностите на новите министри. Една од партиите барала тие да имаат само технички ингеренции. Проблем за постигнување напредок е и собраниската анкетна комисија, која требаше да се формира на почетокот од септември. ВМРО-ДПМНЕ не сака во комисијата да се зборува за содржината, туку само за набавувањето на прислушуваните разговори.

Според белгискиот олеснувач, некои луѓе не сакаат да бидат отчетни и мислат дека се над законот и не почитуваат рокови.

Ван Хојте вели дека моментално сите опции се отворени и дека до крајот на викендов ќе се знае дали преговорите се успешни и дали Договорот од Пржино сè уште е активен.

Тој информира дека политичарите мораат да сфатат дека ситуацијата во Македонија денес е навистина критична и иднината на Македонија ја спореди со таа на Белорусија, во случај да не се постигне договор.

– Ние не можеме да ги завршиме вашите работи место вас. Ние можеме да помогнеме, но ваше е да одлучите во кој правец ќе се движи вашата држава. Ние би сакале да ве видиме како членка на ЕУ, но, сепак, вие ќе мора да се потрудите за тоа – рече Ван Хојте.

Според него, ако ситуацијата со преговорите не се промени драстично, извештајот за напредокот на државата би бил многу критичен. Исто така, тој рече дека одложувањето на извештаите не е поради важноста на Македонија, туку поради Турција. Ако нема напредок во преговорите, ако тие пропаднат, Македонија би можела да се соочи со многу остри критики од ЕУ и од Вашингтон.

Белгискиот олеснувач ги пофали ДУИ и ДПА и рече дека и двете партии се многу конструктивни и прават сè за да се постигне напредок.

Ван Хојте за денеска најави билатерални средби со работните групи. Тој напомена дека средба на работните групи ќе се одржи само ако се сигурни дека ќе се постигне договор.