Валандово избран за „Град на културата“ за 2022 година

фото: Општина Валандово / Фејсбук

Општина Валандово годинава ќе биде организатор на манифестацијата „Град на културата“, откако вака одлучи комисијата по распишаниот Конкурс на Министерството за култура.

Годинава во трка за „Град на културата“ се пријавиле две општини – Валандово и Велес. Имајќи го предвид и фактот дека Општина Велес двапати била финансирана во рамките на манифестацијата, во 2005 и 2015 година, комисијата предложила да биде прифатена пријавата на Валандово.

„По разгледувањето на двете пристигнати пријави, во согласност со приоритетите, критериумите и мерилата содржани во Конкурсот, стручната комисија составена од вработени во Министерството за култура оцени дека Општина Валандово понуди богата програма и издржан програмски концепт, со содржини од различни жанрови и естетика, од традиционалното и од современото творештво, со учество на релевантни домашни и странски уметници“, информираа од Министерството за култура.

Во програмата на Општина Валандово се содржани 69 проекти од сите дејности, кои подразбираат достапност на културата за сите во Општината и учество на многу млади домашни уметници и актери.

Од вкупниот предвиден буџет за реализација на програмата (12,6 милиони денари), од Министерството биле побарани 2,4 милиони денари, што претставува 19,25 проценти од вкупниот буџет. Со тоа, Општината ќе ги покрие преостанатите предвидени средства.

Манифестацијата „Град на културата“ започна да се реализира во 2004 година и оттогаш општините континуирано учествуваат во културниот натпревар на идеи преточен со презентација на многубројни јавни настани, додаваат од Министерството за култура.