fbpx

Вакцините се безбедни, нивниот квалитет е гарантиран (инфографици)

-

Имунизацијата на населението е значајна здравствена, социјална и економска придобивка. Вакцините штитат од тешки заразни заболувања, а со тоа се создава колективен имунитет и заштита од епидемии на целата заедница.

Во Македонија, согласно законската регулатива континуираната вакцинација кај децата од 0-18 години е задолжителна. Опфат над 95 отсто може да создаде колективен имунитет и заштита на населението од појава на заразна болест во епидемиска форма. Она што е значајно да се истакне е дека право на секое дете е да биде заштитено и вакцинирано против тешки заразни заболувања, а обврска на родителот е да му го овозможи тоа право.

Невакцинираните деца ги загрозуваат останатите

Епидемиолозите со кои разговаравме нагласуваат дека децата кои не се вакцинирани го загрозуваат здравјето на останатите.

– Оние деца кои имаат намален имунитет заради примарна имунодефициентна болест, малигно заболување, хронична терапија со кортикопрепарати не може да се вакцинираат. Децата кои не се вакцинирани, ги доведуваат во опасност овие деца, Првите не смеат да се вакцинираат зашто кај нив постои контраиндикација за вакцинација, така што децата кои не се вакцинирани ако заболат може лесно да им пренесат болест. Затоа потребно е опфатот на вакцинирани деца да е што поголем, на тој начин ќе се создаде колективен имунитет и ќе се намали можноста децата кои не може да се вакцинираат да заболат – предупредува д-р Катерина Ставридис, епидемиолог во Институтот за јавно здравје.

Последните години државата прави напори за промоција на вакцинацијата во јавноста и зголемување на свесноста за бенефитите од вакцинацијата, но тоа не е доволно.

Да се влијае на свеста во континуитет

Секоја година во Македонија се одбележува Неделата на имунизацијата со бројни активности и настани поврзани со вакцинацијата. Но, тоа не треба да се прави не само во текот на таа недела, туку треба да биде континуиран процес. Иако епидемиолозите се организираат на секаков начин да го намалат отпорот кај родителите, сепак е потребна подобра и поактивна комуникација со родителите. И не само кај родителите, потребно е зголемување на свесноста и на здравствените работници: матичните лекари, педијатарите, гинеколозите за значењето и бенефициите на имунизацијата, како и за безбедноста на вакцините, затоа што тие најдобро може да ја промовираат вакцинацијата.

Безбедноста е гарантирана Вакцините што се користат во државата се квалитетни, а здравствените власти го гарантираат тој квалитет. Првиот човек на ресорот здравство во државата, министерот Венко Филипче во интервју за „Мета“ потенцира дека родителите не треба да се грижат околу безбедноста на истите бидејќи истите тие вакцини што се набавуваат, се користат и во земјите-членки на Европската Унија. – Во целост се гарантира за квалитетот на вакцините, затоа што истите се од реномирани производители од земји на Европска Унија (Франција, Белгија, Бугарија) одобрени производители од страна на СЗО кои ги исполнуваат сите потребни стандарди. Вакцините од производител до краен корисник – децата, се транспортираат, складираат и чуваат на соодветна температура од 2-8 степени. Секоја пратка се прима и проверува од страна на претставници од Министерство за здравство и Агенција за лекови, а Агенцијата за лекови по опсежните анализи издава одобрение за пуштање во промет. Да напоменам дека овие вакцини се употребуваат и во земјите каде се произведуваат – рече Филипче. Да не се одложува вакцинирањето Во Македонија, сепак опфатот со вакцинација не е на задоволително ниво и тоа главно е резултат на лобирањата на антиваксерите кои најчесто не вакцинираат поради недовербата во здравствениот систем, стравот од компликации по примањето на вакцините, како и поради стравот од небезбедноста на вакцините. Дека е тоа така, показател е падот на опфатот со првата доза на МРП вакцината е силно поврзан со влијанието на антивакциналното лоби кое зема засилен замав и во нашата земја, па многу родители или ја одбиваат МРП вакцинацијата или ја одложуваат до постигнување на поголема возраст на своите деца. Податоците до кои дојде „Мета“ покажуваат дека во однос на вакцинацијата со прва доза на МРП вакцина која се дава на возраст од 12 месеци, во 2017 е регистриран опфат од 82,6 oтсто што незначително се разликува во однос на 2016 година кога опфатот бил 82,1 отсто. Но, почнувајќи од 2014 година, се бележи континуирано намалување на опфатот, а последните три години, опфатот со МРП вакцинацијата континуирано е под 90 отсто. За разлика од опфатот со првата доза, опфатот со втората доза кај деца на 6 годишна возраст односно во прво одделение е значително повисок. Во 2017, опфатот со втората доза на МРП вакцината е 97 отсто, кој е повисок од опфатот во 2016 кога бил 93,3 отсто, како и од просечниот опфат за изминатиот петгодишен период кој изнесува 94,8 отсто. Многумина оваа вакцина ја поврзуваат со аутизмот, што можеби е и главната причина зошто се избегнува. Но, студијата направена во 1998 покажала некаква поврзаност со аутизмот е побиена, а трудот во кој била изнесена оваа студија бил повлечен од списанието во кое бил објавен. Оттогаш се направени бројни студии во кои биле споредувани стотици илјади деца кои ја примиле МРП вакцината со деца кои никогаш не ја примиле вакцината, при тоа е утврдено дека ризикот за појава на аутизам е еднаков во двете групи, што ја отфрла теоријата дека МРП вакцината предизвикува аутизам.

Едукација и повеќе вакцинални тимови на терен

Што се однесува до опфатот на вакцинација, бројките од извештајот за имунизација на Институтот за јавно здравје покажуваат дека има разлика во одредени општини која е значителна. Она на што треба да се работи е подобра информираност и едукација на населението од полезноста на вакцините, како и работа на терен во смисла на повеќе тимови за вакцинација.

Она што е потребно се што повеќе превентивни тимови на терен со цел да се зголеми колективниот имунитет. Во моментов постои недостиг на кадар и недоволна вклученост на нови вакцинални тимови, на кои укажуваат епидемиолозите. За да се зголеми опфатот, потребна е и поголема контрола од институциите, но и континуирано и навремено снабдување со вакцини.

Пишува: Антонија Поповска

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...