Фото: CDC на Unsplash

Обезбедени се 833.000 вакцини за популација од околу 400.000 граѓани за вакцинација и ревакцинација во рамки на КОВАКС механизмот, а во согласност со планот за дистрибуција, вакцините се очекуваат во првите месеци од 2021 година. Започнати се преговори и за директна набавка од компании кои ги произведуваат вакцините. Предвиден е и трет механизам преку ЕУ за набавка на 200 милиони вакцини за земјите членки и за уште дополнителни 100 милиони дози за земјите од Европа што се надвор од Унијата, информираа од Владата. РСМ аплицираше за дополнителни 800.000 дози од овие 100 милиони и дел од првата пратка на вакцини што ќе стигнат во Грција, ќе бидат наменети за наши граѓани.

Тоа беше одговорено на новинарско прашање на денешната прес-конференција, на која портпаролите на Владата, Душко Арсовски и Муамет Хоџа, информираа за заклучоците и одлуките од вчерашната владина седница. Тие потсетија дека кога ќе биде достапна вакцината во земјава, први ќе ја примат лекарите, медицинскиот персонал и сите други на првата линија во борбата со пандемијата, потоа хронично болните, возрасните граѓани, вработените во градинките и други од приоритетната листа, а по нив ќе се  вакцинираат политичарите.

Во врска со смртноста на ковид пациентите во последните неколку месеци, беше одговорено дека Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје водат евиденција за состојбата и дека најголем дел од егзитирани пациенти се со други болести кои дополнително ја влошиле нивната состојба. Околу 90 проценти од сите починати имале најмалку една, до две други болести, што дополнително ја влошиле нивната здравствена состојба и довеле до смрт. Најчести се кардиоваскуларните болести, дијабет, болести на бубрезите и пулмолошки болести. Дел од пациентите кои починале биле со карцином во понапредна фаза или имале тешка хируршка интервенција, информираа владините портпароли.

Тие информираа и дека вчера Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Царинската управа и Министерството за здравство во рок од седум работни дена да изготват и достават до Министерството за здравство сопствени акциски планови во спроведувањето на Националниот план за вакцинација против ковид-19, а истото Владата му го препорача и на „ТАВ Македонија“, ДООЕЛ Скопје.

Дополнета е Одлуката за спречување на ширењето на ковид-19, со обврската за секој патник од Велика Британија и од Северна Ирска што влегува во земјата, на било кој граничен премин, да има задолжителен домашен карантин, врз основа на изјава која ќе ја пополни при влез, а патниците што транзитираат имаат обврска земјата да ја напуштат во рок 24 часа.