Фото: torstensimon на Pixabay

Третата фаза од тестирањето на вакцината „Новавакс“ во Велика Британија покажала висока ефикасност во борбата против британската мутација на корона вирусот, која е актуелна деновиве. Ефикасноста на оваа вакцина достигнала 89,3 отсто во спречувањето на развојот на ковид-19 кај лицата што ја примиле, додека истовремено двете дози од вакцината „Новавакс“ покажале 86 отсто ефикасност на вакцината против британскиот сој на корона вирусот, јавува Би-би-си.

Во последната фаза од тестирањето на вакцината „Новавакс“ биле вклучени повеќе од 15.000 лица во Велика Британија на возраст од 18 до 84 години, при што 27 отсто од нив биле лица постари од 65 години, информираат од американската компанија Новавакс.

Велика Британија нарача 60 милиони дози од вакцината на „Новавакс“, која што се очекува наскоро да биде одобрена за употреба од тамошниот регулатор за лекови. Оваа земја веќе одобри за користење три вакцини – една на Универзитетот Оксфорд и АстраЗенека, една на Фајзер и Бионтек и една на Модерна.

Доколку биде одобрена вакцината „Новавакс“, во Велика Британија може да биде доставена за вакцинирање во втората половина на 2021 година.

Од компанијата Новавакс велат дека извршиле тестирање на нивната вакцина и во Јужна Африка, каде повеќето случаи биле со јужноафриканскиот сој на корона вирусот и лицата не биле заболени од ХИВ, но во овие случаи ефикасноста на вакцината „Новавакс“ изнесувала само 60 отсто.