Фото: Daniel Schludi на Unsplash

Европската агенција за лекови (ЕМА) ја издаде дозволата за користење на вакцината против ковид-19 на американската компанија „Модерна“, јавува Дојче Веле сервисот на македонски јазик. Станува збор за втора вакцина што е одобрена од европскиот регулатор, откако веќе беше издадена дозвола за употреба на вакцината на германската фирма „Бионтек“ и нејзиниот американски партнер „Фајзер“.

Инаку, досегашните студии покажаа дека вакцината против ковид-19 на производителот „Модерна“ има ефикасност од околу 95 отсто, при што оваа вакцина веќе се користи во САД од 21 декември, а одобрена е за употреба и во Канада. ЕУ има нарачано 160 милиони дози на вакцини од оваа американска компанија.

И додека во земјите-членки на ЕУ започна вакцинирањето против ковид-19, министрите за надворешни работи на 13 од државите што се членки во ЕУ денеска во заедничко писмо побараа Европската Унија да испрати вакцини против ковид-19 во земјите од Балканот, но и да стори повеќе во борбата против корона вирусот во Украина, ја пренесува „Гардијан“ содржината на ова писмо.

Во заедничкото писмо на министрите на Бугарија, Хрватска, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Унгарија, Латвија, Литванија, Полска, Романија, Словачка и Шведска се вели дека ЕУ нема да биде безбедна од ковид-19 сè додека земјите со кои се граничи исто така не закрепнат од пандемијата.

Европската Комисија потврди дека го примила писмото од министрите на 13-те земји-членки, одговарајќи им на новинарите дека бара начин да им помогне на земјите од Западен Балкан (Албанија, БиХ, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија), Украина и Грузија.

„Гардијан“ пишува дека вакцинирањето во земјите-членки на ЕУ започнало на 27 декември, но балканските земји кои се посиромашни, не биле во можност да испреговараат идентичен пристап до вакцините против ковид-19 како ЕУ.