Вакцините против ковид-19 не предизвикуваат спинална мускулна атрофија

Фото: Ian Hutchinson on Unsplash

Нема докази дека испитувањата за спинална мускулна атрофија врз новороденчињата во Хрватска, ќе се прават за да се провери дали ковид вакцините им ја предизвикале оваа дијагноза поради тоа што мајките им биле вакцинирани против ковид-19. Ваквата теза во постот што го рецензираме е целосно произволно нафрлена. Информацијата за тоа дека бебињата ќе бидат тестирани за спинална мускулна атрофија, Вистиномер ја пронајде во хрватските медиуми, но таму, наспроти изнесеното во постот, воопшто не се споменува вакцината против ковид-19 како причина за вршењето на тестовите, пишува Вистиномер.мк.

 

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Генетски последици за новороденчињата од пелцани трудници? Експериментот продолжува со статистика а што следи како последица на долг рок? Министерството за здравство на Хрватска потврди дека сите бебиња родени после 1 март 2023 година ќе бидат подложни на посебни генетски тестови. Ваквата одлука носи со себе низа прашања, од кои главното е дали тоа има врска со генетските терапии ковид 19 мРНК кои им биле инјектирани на бремени жени па сега сакаме да провериме дали делувале и дали има промена во генетската структура на детето?

Потоа се цитира официјално известување од Министерството за здравство на Хрватска, во коешто се кажува дека од 1 март 2023 година сите бебиња ќе бидат тестирани за спинална мускулна атрофија и дека скринингот ќе се прави во родилиштата, бидејќи се работи за ретко заболување за кое е клучно раното лекување.

Информацијата за тоа дека бебињата ќе бидат тестирани за спинална мускулна атрофија, Вистиномер ја пронајде во хрватските медиуми и таму, наспроти изнесеното во постот што го рецензираме, воопшто не се споменува вакцината против ковид-19 како причина за вршењето на тестовите на бебињата после 1 март 2023 година. Напротив, вакциналниот статус на мајките не е никаков показател за развивање на спинална мускулна атрофија, односно тоа е ретко генетско заболување за кое раниот третман е клучен, па затоа ќе се прават и тестовите. Во конкретниот случај во Хрватска, воопшто не е важен вакциналниот статус на мајката за бебето да го добие тестот. Тестовите ќе се прават врз сите бебиња, а не на бебињата од вакцинирани мајки. Лекарите во прилогот  објаснуваат дека што подоцна се дијагностицира спинална мускулна атрофија, толку последиците се поголеми, па затоа е важно да се детектира уште во родилиштето. Во прилогот  е снимен и млад пациент односно дете на возраст од 7 години и има спинална мускулна атрофија, неговата мајка смета дека е добро тоа што на новите бебиња ќе им се прави тестот во породилиштето веднаш, што е важно за рана детекција и за поспора прогресија на болеста.

Со други зборови, тезата којашто е наметната во постот, дека тестирањето за спинална мускулна атрофија во Хрватска е поради ковид вакцините, е небазирана на докази. Тестирањето не се прави поради ковид вакцините. Се прави поради тоа што е важна раната детекција. Вакциналниот статус на мајките не е важен, ниту пак, новороденчето може да ја добие генетски последици од мајката којашто е вакцинирана. Како што Вистиномер веќе пишуваше, вакцината против ковид-19 е безбедна за бремените жени и за нивниот плод. Тоа го тврдат релевантни светски медицински агенции, како и Институтот за јавно здравје на С. Македонија.

Дополнително, медицински професионалци во Велика Британија ги советуваат пациентите со спинална мускулна атрофија да се вакцинираат против ковид-19.

Слична е состојбата и во Канада.

На интернет не најдовме  ниту една информација дека ковид вакцините може да предизвикаат спинална мускулна атрофија – ретка состојба која се јавува кај едно бебе на 10 илјади родени бебиња.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека нема докази дека испитувањата за спинална мускулна атрофија врз новороденчињата во Хрватска, ќе се прават за да се провери дали ковид вакцините им ја предизвикале оваа дијагноза поради тоа што мајките им биле вакцинирани против ковид-19. Тезата е целосно произволно нафрлена.