Вакцинираните со две дози имаат три пати помали шанси да бидат заразени со корона вирусот

Извор на фотографија: Министерство за здравство

Ново истражување во Велика Британија откри дека имунизираните луѓе со две дози на вакцина против ковид-19 имале три пати помала веројатност од невакцинираните луѓе да бидат позитивни на тестирање на корона вирусот, објавува Империал Колеџот во Лондон, а пренесува Гардијан.

Овие резултати од истражувањето REACT-1 што го предводи оваа високообразовна установа се засновани на податоци на направени тестови за корона вирусот од брисеви земени од речиси 100.000 луѓе во Англија помеѓу 24 јуни и 12 јули. Во овој период, 0,63 отсто од луѓето биле заразени, или 1 на 158. Ова претставува зголемување за 4 пати во споредба со претходниот извештај на студијата, кога 0,15 отсто или 1 од 670 имале вирус заклучно со периодот до 7 јуни.

Анализите на резултатите од ПЦР тестовите во Англија сугерираат дека целосно вакцинираните луѓе може да имаат помала веројатност од невакцинираните луѓе да го пренесат вирусот на другите.

„Овие наоди ги потврдуваат нашите претходни податоци што покажуваат дека и двете дози на вакцина нудат добра заштита од заразување. Сепак, ние исто така можеме да видиме дека и понатаму постои ризик од инфекција, бидејќи ниту една вакцина не е 100 отсто ефикасна, и знаеме дека некои двојно вакцинирани лица сè уште можат да се разболат од вирусот“, вели професорот Пол Елиот, раководител на истражувањето REACT-1.

Луѓето кои не биле вакцинирани имале три пати поголема преваленца од оние кои ги примиле двете дози на вакцина, 1,21 отсто во споредба со 0,40 отсто. Сепак, и кај двете категории на граѓани има повеќе од петкратно зголемување на бројот на заразени лица во споредба со претходниот круг (0,24 отсто наспроти 0,07 отсто, соодветно). Врз основа на овие податоци, истражувачите проценуваат дека целосно вакцинираните луѓе во оваа рунда тестирања имале помеѓу 50 отсто до 60 отсто намален ризик од инфекција, вклучувајќи асимптоматска инфекција, во споредба со невакцинираните луѓе.