Вакцината против тетанус е безбедна и не го влошува здравјето

Медицинските факти и докази говорат дека ваквината против тетанус не е штетна, дека не предизвикува сериозни последици и дека штити од тетанус, болест која може да биде со фатални последици

Фото: Принтскрин

Според Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) повеќето луѓе кои добиваат вакцина која помага да се заштитат од тетанус немаат сериозни проблеми. Со кој било лек, вклучително и вакцини, постои шанса за несакани ефекти. Тие обично се благи и исчезнуваат сами по себе во рок од неколку дена, но можни се сериозни реакции, пишува Вистиномер. 

Објавата ја пренесуваме во целост:

 

Анализираме објава на Фејсбук која изнесува низа непотврдени информации во врска со вакцината против тетанус, тврдејќи дека истата е штетна и го влошува здрвјето на луѓето.

… Ужасните последици после тетанус вакцините никој никогаш не ги поврзува со вакцината. Се чудат што им е, како им се влоши здравјето така од нигде никаде? А милиони паталци ширум свет, баш од тој тетанус “шот”, со неуролошки проблеми, проблеми со моторика, огромни болки со месеци итн. Пазете си ги децата, толку имам да кажам. Кој ме мрази заради ваквиве мои објави – слободно – инџој ит. Јас не ве мразам вас, ама вакцините да ги сакам и прифатам нема да ме натерате. Моето мислење е формирано од повеќегодишно истражување и многу разговори со паталци. И од уште нешто многу важно – интуиција. Што сум јас без неа, само празна црпка…, стои меѓу другото во објавата.

Објавата тврди дека последиците после примена тетанус вакцина се „ужасни“ и дека на луѓето им се влошува здравјето од „нигде никаде“. Според објавата, вакцината против тетанус предизвикува невролошки проблеми, проблеми со моторика и огромни болки. Ваквите наводи објавата тврди дека ги базира на „повеќегодишно истражување“ и „многу разговори со паталци“, иако од наводното истражување и наводните разговори не е понудено ништо како поткрепа на тврдењата.

Спротивно на тоа, медицинските факти и докази говорат дека ваквината против тетанус не е штетна, дека не предизвикува сериозни последици и дека штити од тетанус, болест која може да биде со фатални последици.

Тетанусот е акутна болест која ја предизвикува бактеријата (латински: Clostridium tetan) која произведува два токсини, од кои еден доведува до прекин на црвените крвни зрнца, а другиот се шири по централниот нервен систем, што предизвикува болни мускулни контракции и мускулна ригидност. До инфекција со бактеријата доаѓа преку повреди и рани на кожата. Тетанусот е проширен низ цел свет, но се спречува со вакцинација.

Болеста се манифестира со треска и мускулни грчеви. Инкубацијата трае два дена па дури и до неколку месеци. Кај пациентите прво се забележуваат мускулни грчеви при џвакање, а потоа грчењето се шири низ цело лице, што доведува до карактеристичен изглед на лицето на заболениот (латински: facies tetanica). Потоа грчевите ги зафаќаат и мускулите во грбот, па пациентот го тера на лежење во необична положба (во лак кон наназад). Кога грчевите ќе ги зафатат и предниот дел, кај градниот кош и стомакот, кај пациентот се јавуваат тешкотии со дишење.

Покрај грчење на мускулите, присутни се и болки на целата мускулатура. Во лесните облици ова грчење трае по неколку секунди, но во потешките и до минута, но се повторуваат на неколку минути, со што се влошува состојбата на пациентот. Во случај на подолго грчење на респираторната мускулатура може да дојде и до цијаноза и смрт кај пациентот.

За тетанус нема стекнат имунитет дури и по инфекција. Тетанус е болест што не може да се искорени, бидејќи бактериите се присутни секаде во природата. Ги има во почвата и во цревата на животните, а во телото на вашето дете можат да навлезат преку повреди на кожата, каснување од животно или изгореници. Во нашата средина, децата се успешно вакцинирани против оваа болест, па затоа болеста е речиси исчезната.

Во Македонија, според календарот за имунизација, вакцина против тетанус, за време на детството, се дава во шест дози, а седмата се дава во адолесценцијата.

Редовните вакцини за деца се безбедни и ефикасни. Тие се темелно тестирани и докажано спречуваат сериозни болести, спасувајќи милиони детски животи секоја година. Со редовната вакцинација децата развиваат долгорочна заштита – за да имаат здрав и квалитетен живот, без последици од детство поминато во борба против болести кои можат да се спречат.

Министерството за здравство на страницата за информации околу вакцините и задолжителната имунизација, наведува дека вакцините кои се регистрирани за употреба во нашата земја, се истите кои се користат во сите европски земји. Повеќе информации за името на производителот, производот и датумот на одобрување на вакцините може да се најдат во Регистарот на лекови.

На пример, конкретната вакцина против тетанус е од производителот KEDRION S.P.A , Наполи, Италија. На линкот тука се наведени сите возможни информации за вакцината, производителот, што таа содржи, упатство за користење итн.

Наведени се и можните несакани дејства од вакцината како хиперсензитивност и анафилактичен шок, тахикардија, хипотензија, главоболка, гадење, повраќање, кожни реакции, еритема, чешање, треска, малаксаност и студенило. Досега ниту еден од овие несакани ефекти не е забележан по примена вакцина.

На местото на инјектирање може да се јави болка, оток, топлина, чешање и црвенило, но и овие несакани ефекти се непознати.

Според Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) повеќето луѓе кои добиваат вакцина која помага да се заштитат од тетанус немаат сериозни проблеми. Со кој било лек, вклучително и вакцини, постои шанса за несакани ефекти. Тие обично се благи и исчезнуваат сами по себе во рок од неколку дена, но можни се сериозни реакции.

Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, вакцините се сериозно испитани, сигурни и проверени, а одобрението во Македонија го добиваат врз основа на документи за таа испитаност и провереност.

Без разлика на земјата на производство, вакцините поминуваат низ ригорозен процес на одобрување и регулаторен процес пред да се стават во употреба. Бидете сигурни дека вашите деца се вакцинирани според националниот календар за имунизација во соодветна здравствена установа или во рамки на кампањите за имунизација што ги спроведува Министерството за здравство, пишува на страницата на УНИЦЕФ.

Според УНИЦЕФ, вакцините спасуваат 2 до 3 милиони деца од опасни болести секоја година. Бројот на деца кои се соочуваат со парализа како последица на полио, е намален за повеќе од 99 проценти од 1988 година. Вакцините против мали сипаници овозможија да се избегнат повеќе од 23 милиони смртни случаи помеѓу 2000 и 2018 година.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека вакцината против тетанус не предизвикува влошување на здравјето кај луѓето, туку таа е ебезбедна и штити од акутна болест која може да биде и фатална. Според тоа, објавата која ја анализираме ја оценуваме како неточна.