Јавната администрација оваа сабота ќе се вклучи во активностите на граѓанската иницијтива „Не биди ѓубре“ и ќе го чисти сметот на 12 локации низ Скопје, најави на денешната прес конференција министерот за администрација и информатичко општество, Дамјан Манчевски.

Со овој ангажман надвор од своите канцеларии административците воедно ќе го одработат 2 јануари. Министерот денес апелираше до вработените во државните институции активно да се вклучат во оваа акција, а ги повика и да земаат учество и во натамошните активности на „Не биди ѓубре“ и на другите слични граѓански здруженија и иницијтиви кои вложуваат напори за почиста животна средина. Оваа акција е поддржана од Канцеларијата на Европскта Унија во Скопје, како и од поголеми компании, „Зегин“, „Пакомак“, „Еурофарм“, „Нула отпад“ и други, чиишто вработени министерот исто тк најви дек ќе се вклучат во чистењето оваа сабота.

Основната цел, рече Манчевски, е, да ја исчистиме нашата околина и да ја подигнеме јавната свест на граѓаните. Тој воедно најави и дека иста ваква акција, од помасовен карактер ќе се организира и напролет како пролетно чистење на државата.

Во сабота скопските административци ќе чистат во Сарај покрај реката Треска, кај Аквадуктот, кај спортскиот центар Борис Трајковски, на Кале, кај Музејот на современа уметност, на улица Бихачка, кај касарната Илинден, кај училиштето за физичка култура Методија Митевски Брицо, помеѓу Домот на АРМ и парламентот, кај Меѓуградската автобуска и железничка станица, на улица Џон Кенеди, на улица Македонија, на потегот кај МКЦ и МРТВ и кај касарната Гоце Делчев. Ќе се чисти исто така и на улиците Ферид Бајрам, Александар Урдаревски и Индустриска, како и кај Очната болница во месноста Јуриј и целиот кеј на реката Вардар. Почетокот на акцијата е закажан за во 12 часот поради најавениот дожд во сабота изутрина, рече Манчевски. Надлежни за спроведување на чистењето ќе бидат раководните лица на сите институции кои ќе учествуваат во оваа акција, што значи и премиерот и министрите и директорите на институцииите и установите, појасни министерот Манчевски.

За сите учесници е обезбедена соодветна опрема, ракавици, ќеси, како и маски каде што е тоа потребно, а ќе го селектираме собраниот отпад додаде министерот.

„Граѓанската иницијатива ни помогна во мапирањето на локациите каде би можеле да го чистиме ѓубрето, а јавните претпријатија на сите предвидени локации ќе имаат свои екипи и подготвен алат и свои возила за успешно спроведување на акцијата.

„После година ипол конечно почна да се остварува сонот на „Не биди ѓубре“, да не го чистиме ѓубрето сами бидејќи овојпат ќе ни се придружат 40 илјади граѓани. Се надевам дека ефектите од акцијата ќе потраат, но знам дека барем тој еден ден Македонија ќе биде многу почиста држава“, изјави за „Мета.мк“, Ирена Ристиќ од ова граѓанско здружение, кое стана познато во јавноста откако почна активно да ги чисти бројните локации низ државата од расфрлан отпад.