fbpx

В понеделник завршни зборови за „Тврдина 2“, СЈО очекува осудителна пресуда

-

На денешното рочиште заврши доказната постапка за случајот „Тврдина 2“, а судијката Лидија Петровска за понеледник ги закажа завршните зборови на Специјалното јавно обвинителство и на одбраната, по што треба да биде донесена пресудата.

На рочиштето денеска се изведени докази, декласифицирани само за судскиот процес, поради што јавноста, односно медиумите беа исклучени од овој дел од расправата, која траеше околу час и половина.

Обвинителката на СЈО, Ленче Ристоска, по завршувањето на рочиштето, изјави оти е уверена дека судот ќе донесе осудителна пресуда за „Тврдина 2“, во која првообвинет е поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски, заедно со уште шестмина вработени во УБК, кои се товарат за уништување на документацијата поврзана со незаконското прислушување.

– Целосно сме убедени дека судот ќе донесе осудителна пресуда, бидејќи има уверливи докази за тоа – изјави Ристоска.

Претходно, на денешното рочиште, судијката Петровска го одби барањето на Љупчо Шврговски, адвокат на Грујовски, судењето да се одложи на неопределено време, додека не се заврши неговата екстрадицијата од Грција.

Шврговски најави жалба на ваквата одлука на судијката Петровска. Одбраната, како што рече тој, ќе се жали и на решението на Петровска да не им дозволи да докажат дека „предмет на уништување биле безмалку тривијални документи, како лекарски уверенија, потврди за поправка на возила, пристап до чекалната на УБК, решенија за годишни одмори…“, а не докумнти со највисок степен на класификација – државна тајна.

– Не ми е јасно од кои причини судот не сака да се утврди целокупната вистина – рече Шврговски.

Адвокатот Петар Василев рече дека Горан Грујовски и Никола Бошковски, според неговите информации, сè уште издржуваат екстрадициски притвор во близина на Солун, но дека „тие повеќе не се во тој прифатен центар, каде што беа неколку дена“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Гореле диви депонии во Желино и Боговиње

Две диви депонии синоќа гореле во Полошкиот регион. Според информациите од Центарот за управување со кризи се случиле два пожари на отворен простор во последното деноноќие, во атарот на...