В петок почнува Фестивалот за краток филм „Астерфест“

фото: „Астерфест“

В петок започнува шеснаесеттото издание на Фестивалот за краток филм „Астерфест“, кој ќе се одржи во Амфитеатарот во Струмица, под мотото „Нови мотивации“.  „Астерфест“ ќе биде затворен в недела.

Организаторите на фестивалот соопштија дека во официјална интернационална конкуренција се 24 кусометражни играни, документарни и анимирани филмови.

На отворањето на фестивалот в петок, 13 август, со почеток во 20 часот ќе бидат прикажани филмовите „Господата од Современа“ на Ана Алексовска, „Конструкт 24“ на Никола Ангелкоски, како и „И(с)згубени“ на Антонио Вељаноски. Веднаш потоа публиката ќе може погледне и 7 документарни филмови од категоријата „Астердокс“.

В сабота продолжуваат проекциите во рамки на категоријата „Глобална фикција“, а во недела ќе бидат прикажани 7 филма од категоријата „Анимоушн“, по што ќе бидат прогласени и добитниците на наградите. Сите проекци ќе се одржат во летниот Амфитеатар во паркот.

Жирито на шеснаесеттиот „Астерфест“ е составено од режисерите Ено Милкани, Панајотис Краварис и актерката Јулија Милкова.

Годинашен лауреат на наградата за животно дело „Астер“ е Јан Качер, еден од најеминентните чешки и европски актери и режисери. Качер има играно и режирано во многу чешки театри, како и на сцените во Осло, Базел и Загреб. Режисер е на долгометражниот „Јас сум небо“ (Jsem nebe) и на повеќе ТВ-филмови.

„Астерфест“ е поддржан од Општина Струмица.