Овој петок нема да има протест против загадувањето, решија организаторите на минатонеделниот еколошки протест во Скопје, кој одеше под мотото „Зелена револуција“.

„Рокот што ѝ го дадовме на Владата, кога одбивме средба во понеделникот со премиерот и неговите советници, за исполнување на првите 7 барања, сè уште е во тек, не се изминати 5-те работни денови и им даваме шанса да видиме дали навистина имаат сериозна намера за решавање на проблемите или пак ќе завршиме со ЌЕ или „Не е наша ингеренција“, се вели во соопштението објавено од организаторите, 29 граѓански организации за заштита на животната средина, кои стоеја зад протестот на 29 ноември, по реакциите на разочараност на социјалните мрежи што нема да има нов протест овој петок.

„Доколку не го добиеме очекуваниот одговор и реализацијата на барањата од Влада, одиме повторно на улица“, порачуваат еко-активистите како и Fridays for Future, кои одлучија во петок да организираат јавен собир пред школката во Градски парк, на кој повикаа да се дискутира за климатските промени во светлото на глобалниот собир во Мадрид кој се одржува деновиве.

Додека трае Конференцијата за климатски промени на Обединетите Нации COP25 во Мадрид, на која развиените земји треба да решат итно да се воведат неопходните мерки за спречување на глобална климатска катастрофа во следните децении, ќе се одржуваат глобални протести организирани од Fridays for Future во 2300 града во светот.