В петок Марш за видливост на трансродовите лица

Поддржувачите на маршот и годинава ќе побараат Законот за правно признавање на родот да биде конечно ставен во собраниска процедура

фото: Alexander Grey на Unsplash

Во рамки на одбележувањето на 31 Март – Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица, граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица ТрансФормА во петок ќе одржи марш, по петти пат, приклучувајќи се кон глобалната акција за солидарност со оваа маргинализирана група.

Маршот за видливост на трансродовите лица ќе започне во 16 часот пред Владата, а од ТрансФормА велат дека истиот ќе се одржи со цел намалување на насилството и дискриминацијата со кои секојдневно се соочуваат трансродовите лица.

Поддржувачите на маршот и годинава ќе побараат Законот за правно признавање на родот да биде конечно ставен во собраниска процедура, а пратениците да гласаат за истиот, како што велат од граѓанската организација ТрансФормА – „онака како што ветуваа пред да бидат избрани и онака како што Европскиот суд за човекови права ѝ наложи на оваа Влада како обврска.“

„За политичките субјекти можеби ова е интригантна политичка игра и собирање поени, меѓутоа ве уверуваме дека за трансродовата заедница ова е единствен начин да започне да ги остварува и ужива своите најелементарни човекови права. На 31 март гласно ја испраќаме пораката „И мојот идентитет постои“ со што се обидуваме да ја зголемиме видливоста на трансродовите луѓе, која е од клучно значење за овие процеси со цел да се обезбеди адекватно правно и социјално интегрирање на овие лица во едно демократско и цивилизирано општество за кое Република Северна Македонија барем декларативно се залага“, се вели во објавата на ТрансФормА.

Меѓународниот ден на видливост на трансродовите лица беше основан од американската транссексуална активистка Рејчел Крндалд во 2009 година како реакција на недостатокот на ЛГБТ празници кои ги слават трансродовите лица.