Еколошки активисти собрани околу иницијативата „Здружени за чист воздух“ во петок во периодот од 12.05 до 12.20 часот ќе го блокираат пристапниот пат кон скопската депонија Дрисла.

Од „Здружени за чист воздух“ информираат дека блокадата, што ќе се одвива под мотото „15 минути за чист воздух“ е предупредувачки протест со цел да се сврти вниманието на надлежните кон проблемот со енормното загадување на поширокото подрачје на Скопје како и на сомневањата дека на депонијата Дрисла незаконски и на нееколошки начин се согорува отпад што влијае на зголемување на штетни емисии во воздухот, но и дека по него ќе следи и помасовен протест.

– Пораката до надлежните гласи: ги следиме вашите постапки и бараме одговори на прашањето што се случува на Дрисла и зошто не се превземаат мерки против загадувањето што доаѓа од таму – вели Марјан Ненов од „Здружени за чист воздух“.

Предупредувачкиот протест во петок се најавува неколку дена откако преку медиумите и социјалните мрежи беше споделувана снимка на која се гледа густ црн чад кој излегува од оџакот на печката за согорување на медицински отпад што се наоѓа во рамките на депонијата Дрисла, во близина на скопското село Батинци.

Од Државниот инспекторат за животна средина тогаш за „Мета“ информираа дека црниот чад што излегува од оџаците на депонијата Дрисла е поради дефект на филтерот и дека поради тоа таа е исклучена додека не се изврши замена на оштетениот дел.

Инспекторатот тврди дека емисиите од оџакот на медицинската печка во Дрисла, кога таа е во функција, редовно се контролираат и се во рамките на дозволеното. Во дел од јавноста, меѓутоа, веќе подолго време се шпекулира дека согорувањето на медицински и на друг вид на отпад на депонијата Дрисла се одвива надвор од еколошките стандарди и дека на тој начин придонесува за енормните вредности на штетни состојки во воздухот.