В недела ќе се одржи 13 Ноемвриски хуманитарен базар

Фото: Hands for Paws

Скопјани в недела од 12 часот ќе имаат можност да помогнат на петмина сограѓани со тоа што ќе купат домашни бисквити за миленици и многу други производи, а и да освојат гратис бањања за кучињата или мачињата кои први ќе се појават на 13 Ноемврискиот хуманитарен базар кој го организира „Не биди ѓубре“.

Целта на барзарот кој ќе се одржи во Броз кафе е да се соберат 2.500 евра кои ќе им бидат подеднакво поделени на луѓе на кои навистима им е потребна помош.

Според пресметката на организаторот, за да се постигне целта, барем 1.532 луѓе треба да купат нешто од понуденото за 100 денари или 766 луѓе да купат нешто за по 200.

Собраните пари ќе бидат поделени за помош на чичко Драги кој треба да обезбеди за храна за бездомните кучиња за кои се грижи и дома кај него, а и на автобуската станица Рекорд каде што му се наоѓа тезгата.

Колегите новинари кои ќе си купат нешто ќе можат да му помогнат и на Саше Димовски за кого е потребна протеза и количка, поради ампутирана нога. Исто така, дел од средствата ќе добие самохрана мајка од Шуто Оризари, малиот Војдан кој боледува од церебрална парализа и во моментов покажува сериозен напредок во борбата со болеста, а и самохраната мајка Драгица Исаиловска која се бори со канцер.

Организаторот воедно ги повика на учество и сите заинтересрани кои би сакале да понудат свои производи, дела и идеи со кои ќе помогнат во акцијата.